Мицкоски: 400 милиони евра во буџетската ставка „други трансфери“, власта ги злоупотребува и краде, ние ќе ги намениме за линеарно зголемување на пензиите
Тоа што ние сме го ветиле и кажале, тоа ќе го направиме и тоа е резултат на анализа, не е тоа резултат на политичка манипулација, туку многу сериозно и темелно пристапивме, не ветувавме чуда, ниту ќе ветуваме. Тоа што сме ветиле ќе испорачаме, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во подкастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов, запрашан како ќе го одржи ветувањето за пет илјади денари линеарно покачување на сите пензии ако формира Влада.
Мицкоски посочи дека пензиите би се нивелирале во септември и март секоја година, така што според планот предвидено е некаде во втора половина на јуни да се креира владата, а втора половина да има ребаланс за буџетот и веќе од септември да почне реализацијата на ова ветување, со тоа што би се заокружиле тие пет илјади денари во март 2025 година.
„За оваа година, до крајот на годината ни се потребни околу 40 милиони евра, тоа е некаде околу 2 милијарди и 400 милиони денари, потоа веќе од после март кога ќе се затвори целиот овој процес, бројката е некаде околу 20 милијарди, 20 и нешто милијарди, 21 милијарда денари“, рече Мицкоски.
Во однос на прашањето од каде пари за линеарно повисоки пензии од пет илјади денари, Мицкоски посочи дека тоа е многу едноставно, затоа што во буџетот има ставка „други трансфери“ кои во 2016 година биле 28 милијарди денари, а лани изнесувале 52 милијарди, пари кои ќе се искористат за пензиите.
„Од каде пари? Многу едноставно. Вие ги гледате трансферите кои што одат во ПИОМ од буџетот и процентуално ги кажувате, но ако ги видите во буџетот другите трансфери, ќе дојдете до следниот заклучок. Други трансфери во 2016 година се 28 милијарди денари, а во 2023 година се 52 милијарди, што значи дека имаме зголемување од 24 милијарди денари, тоа се 400 милиони евра. Сигурно ќе си го поставите прашањето, што прават овие а 400 милиона? Јас ќе ви го дадам одговорот. Ништо, ги злоупотребуваат ти 400 милиона. Од тука ќе обезбедат дел од средствата кои што се потребни за пензионерите и се разбира од страна на другите политики кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги спроведе“, рече Мицкоски.
Да бидам до крај брутално искрен, додаде Мицкоски, тие пари се пари кои што се злоупотребуваат, се крадат, а ние немаме намера со тоа да се занимаваме и тие пари ќе отидат кај пензионерите.