Мицкоски: Ќе работиме да има предвремени парламентарни избори во 2022 година

„Во 2022 година очекувам предвремени парламентарни избори, и ќе работиме да има предвремени парламентарни избори, а потоа очекувам со големо мнозинство ВМРО-ДПМНЕ да формира нова, стабилна влада која ќе може да се справи со предизвиците кои оваа влада не може да ги реши“. Ова синоќа во гостување на ТВ21 го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски..

Тој потенцира дека „предизборното коалицирање со некои од албанските партии како можност зависи од многу фактори кои се пред се заедничките интереси и заедничката платформа која треба да се формира која треба да ги содржи вредностите од новиот општествен договор од втората епоха кој беше промовиран на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ“.

Мицкоски најави дека во следниот период следуваат и промени во структурата на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ќе поканиме општествено активни ликови, секако до нив е дали ќе ни се придружат. И мислам дека тоа би било една фина комбинација која што може да понуди би рекол, алтернатива и со која што би излегле пред граѓаните да ја бараме довербата. Од понеделник ќе седнам, сега за сега не сум правел детални анализи и профили, но тука не би требало да има некои позначајни изненадувања. Јас зборувам за составот на ИК и луѓето кои што ќе работат. Можеби ќе има и проширување во делот на врвниот менаџмент на партијата. Можеби ќе има проширувања во делот на ИК на партијата. Така што еве да не прејудицираме да оставиме на времето“ – рече Мицкоски.