Мицкоски ќе оди на лидерска, ама нема да разговара за уставни измени, туку за предвремени избори

Народот очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард, а не за уставни измени и генаралната тема интеграции. Не е време за правење театар за јавноста што го нарекуваат лидерска средба, бидејќи нема да ги донесе решенијата на проблемите – порача денеска лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија. И да еве објавувам дека ќе присуствувам на таква средба затоа што имаме ставови и сме подготвени да ги браниме насекаде во светот. Ќе дојдам на лидерската средба ќе кажам јасно и гласно не преку соопштенија или штури брифинзи преку какви владата ја најавува оваа средба. Дека најреалната причина заради која една лидерска средба би имала содржина е разговор за реалните проблеми на народот кој гладен, а чиј излез се предвремени парламентарни избори“, вели тој.

И од Алијанса за Албанците го потврдија присуството, како и од владејачките партии.

„Во понеделник во 12 часот ќе бидеме во Парламентот каде што ќе разговараме за идната европска перспектива на Република Македонија, меѓутоа и евентуалните промени кои што треба да се направат во Уставот. Јас се надевам дека ќе има конструктивна дебата, Алијанса за Албанците ќе биде директен учесник во тој настан и ќе даде максимум од себе за да се помине што полесно овој период додека се случат уставните промени во Република Македонија“ – порача Арбен Таравари.

Од БЕСА неофицијално велат дека најверојатно ќе присуствуваат, но сепак после состанокот на централен денеска или утре ќе се произнесат со официјален став.

Лидерската треба да се одржи в понеделник во Собранието.