Димитар Ковачевски – мандатарот на новата Влада на последното обраќање најави дека сака да се сретне со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за да разговараат за сите отворени прашања. Од опозициската партија велат дека за поканата за евентуалната средба на Ковачевски и Мицкоски дознале од медиумите и дека сè уште не е пристигната официјална покана. Од партијата порачуваат дека Мицкоски ќе прифати разговор со мандатарот, но само на одредени теми.
„За покана за средба на Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дознаваме од медиумите и сè уште нема официјална покана за средба. Доколку има таква покана, средбата би била прифатена под услов да се разговара за следниот дневен ред: предвремени парламентарни избори како единствено оддржливо и кон граѓаните одговорно решение, содржината на одговорите на прашалникот 5 плус 1 кон Бугарија и позициите на Македонија и точка разно во која би спаѓало и разговор на темата сузбивање на криминалот и корупцијата“ – појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.