Мицкоски ќе нè закопа и ќе нè заглави, само за своја лична цел, вели Ковачевски

СДСМ е опцијата која ги исполнува ветувањата на граѓаните и е опција за просперитетна иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашното отварање на промотивниот штаб во Куманово. Пред сопартијците, членови и граѓани, Ковачевски кажа дека СДСМ е опција која носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот, опција која не се откажува од европскиот пат.

Претседателот на СДСМ ги повика граѓаните да одлучат дали ќе чекорат кон ЕУ или ќе се враќаат назад во како што рече, изолација и неизвесност.

– Тоа ќе биде одлуката на претстојните избори, помеѓу „надеж со СДСМ“ и „безнадежност со ВМРО-ДПМНЕ“, помеѓу „просперитетна иднина со СДСМ“ и „враќање во темното минато со ДПМНЕ“. СДСМ е единствената партија која ја постави и која работи да се исполни визијата за европска иднина на нашата земја. Ние во СДСМ имаме јасна визија за иднината. Затоа јасно и гласно кажуваме одиме напред кон Европа, нема откажување од иднината. СДСМ ги исполнува ветувањата и даваме сè од себе да ги исполниме и очекувањата на граѓаните, потенцираше Ковачевски.

Тој е убеден во победата на СДСМ и на претстојните претседателски и парламентарни избори. Зборувајќи за Куманово кажа дека е град што прв се крена прв против фашизмот во време не НОБ и нагласи дека кумановци секогаш се на вистинската страна на историјата.

Зборувајќи за политичките опоненти, Ковачевски кажа дека нема да донесат никаква промена.

– Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена. Никој од нас не заборавил како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нè заглави и нè донесе до дното. Мицкоски, само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нè закопа и ќе нè заглави, само за своја лична цел. ДПМНЕ не ги интересира иднината на државата и граѓаните. Погледнете ги само нивните носители на листи и тоа ќе ви каже сè. Сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на Никола Груевски. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која не може да донесе никаква промена. Па има ли поголем доказ за тоа од целосното потфрлање на нивните градоначалници. Видете што се случува во Скопје, и ништо друго не ви треба. Мавтаа со програми пред локалните избори, а ништо не реализираа, рече Ковачевски.