Мицкоски: Ќе ги замолам советниците од ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат програмите во Град Скопје, но нема да се смени ништо

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите кажа дека од позиција на лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замоли советниците во Градот Скопје од редовите на неговата партија да ги поддржат програмите, како што бара градоначалничката Данела Арсовска.

Според Мицкоски, дури и ако програмите се изгласаат, во главниот град нема да се смени ништо.

„Ги слушнав тие пораки дека не се гласале програмите, кочеле овие, кочеле оние. Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат тие програми, ако е до програмите. Мислам дека добив информација дека на 29 август ќе има седница. Ќе ги замолам тие програми коишто Данела Арсовска вели дека не ѝ се гласаат да ги изгласаме и ќе видите дека ништо нема да се смени. Еве, да знаете дека ништо нема да се смени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Во Град Скопје денеска се одржува координативната средба на претставници на советничките групи со градоначалничката Данела Арсовска на која се очекува таа да го презентира планот за излез од кризата во главниот град.

Средбата е затворена за јавноста, а непосредно пред почетокот координаторите на советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изразија оптимизам во однос на состанокот.