Мицкоски цели кон 61 пратеник: Или ВМРО-ДПМНЕ или Ахмети, Груби, Зечевиќ и Ковачевски

Денеска сме тука како резултат на теренската акција која ја спроведуваме низ Македонија, разговаравме со многу групи на битолчани, со здравствени работници, со луѓе од РЕК Битола со енергетичарите, разговаравме што не чини и што е важно во програмата на ВМРО-ДПМНЕ да се најде за дел од овие работи да бидат коригирани, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средба со граѓаните од Битола во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ преку средби со граѓаните ги слуша нивните очекувања кои потоа ќе се најдат во идната програма на ВМРО-ДПМНЕ и како идна влада ќе ги реализира, но посочи дека нема да се ветуваат чуда, туку проекти кои навистина ќе се исполнат.

– Ние одбравме да чекориме тешко, но одбравме да чекориме пат кој нема да биде срамен. Сега целта се гледа јасно, светлото на крајот на тунелот се гледа. Кога ни велеа дека е невозможно тоа што го правиме, кога ни велеа дека некој друг одлучил поинаку, дека е попуста борбата, ние не се откажавме. Стоевме на нозе и се боревме заедно со народот кој беше нашиoт мотив. Како резултат на таа борба се случи оној историски резултат во 2021 кога постигнавме двојна историска победа, но тоа е само почеток, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека крајната цел е победа на следните двојни избори, претседателските и парламентарните избори.

– Веста која сакам да ја кажам е одлична, а тоа дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо на претседателските избори, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата убедливо ќе победат на парламентарните избори. Нема веќе сила која тоа ќе го спречи. Народ никој не победил. Важно е таа победа да биде историска, да биде со 61 пратеник, таква победа ни е потребна за реформи, за проекти за трансформација на Македонија, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи дека во периодот кој следи ќе приоѓаат секакви луѓе кои ќе ветуваат се и сешто, а тие се опозиција на опозицијата, платени се да бидат тоа, и оној момент кога заминат од средбата ги бројат жолтиците на оние кои ги плаќаат, а тоа владата на ДУИ и СДС.

– Следните избори не се избори во кои ќе се профилира треба опција, следните избори се избор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Миле Зечевиќ, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ. Секој кој ќе кажува дека бирате трет пат, тој сака само да ги раздели антивладините гласови и да ја клекне Македонија. Заедно да не дозволиме, заедно 61 пратеник во македонскиот Парламент, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека следните избори се помеѓу оние кои денеска ги натераа нашите дедовци и баби да протестираат затоа што не можат месецот да го поминат со своите пензии и оние кои во минатото ги покачуваа пензиите и ќе продолжат да ги покачуваат.

– Следните избори се избор помеѓу оние кои сакаат да му стават катанец на РЕК Битола и 4.000 семејства да ги остават на улица и оние кои имаат план за модернизација и РЕК Битола да продолжи да работи и да носи приход, модернизиран со сите еколошки стандарди. Следните избори се за оние кои денеска ги оставија земјоделците на питачки стап, оние кои денеска ниту исплаќаат субвенции ниту обезбедуваат откуп по достоинствени цени и оние кои воведоа сигурен откуп, субвенции и имаат план како да го развијат земјоделството, посочи тој.

Мицкоски изјави дека изборот е помеѓу оние кои ги оставија нашите деца без учебници и оние кои во минатото обезбедија бесплатно студирање и бесплатни учебници.

– Изборот е помеѓу оние кои распродадоа македонскиот идентитет, достоинство, оние кои прифатија бугарски диктат и ја клекнаа Македонија на колена и оние 44 јунаци дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои и покрај сите притисоци останаа достоинствени и ја бранат Македонија. Следните избори се референдумска одлука за Македонија, како сакаме да ја гледаме Македонија. Дали сакаме да ја гледаме осиромашена и засрамена или Македонија просперитетна, европска и држава која се грижи за сите свои граѓани. Ова е единствената можност да покажеме дека тогаш кога било најтешко Македонскиот народ се обединил и застанал заедно со ВМРО-ДПМНЕ кое е идентитетот на македонскиот народ, изјави Мицкоски пред битолчани.