„ВМРО-ДПМНЕ како свој партнер за соработка ги гледа опозициски партии на Албанците и тука нема дилема, но во нашиот Устав има еден услов кој што важи, а тоа е Бадентер, од кој ќе зависи и реализацијата реформите што планираме да ги спроведеме“.
Ова денеска од Кисела Вода го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање „со кого би соработувал од албанските партии ако оди на избори”.
„Затоа се обидов да направиме измени, како што се оние проценти во Уставот, да нема Бадентер, а луѓето да напредуваат согласно своите компетенции, знаења и вештини. Да може државата да ја водат оние кои што ги одбрал народот“ – рече Мицкоски.
Според него, дури и ако ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник во Собранието, токму поради „тој услов Бадентер” ќе мора да ја адаптира коалицијата.
„Затоа сум убеден дека опозициските, условно кажано, албански партии, на следните предвремени парламентарни избори ќе го поразат ДУИ. Мислам дека е време ДУИ да помине одреден период во опозиција“ смета Мицкоски.