Се стеснува кругот на потенцијални кандидати за претседател од ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов три имиња се мерат, кажа лидерот на партијата Христијан Мицкоски. До конвенцијата на која што ќе биде избран кандидатот работите можеле и да се променат, секој кој ги исполнува условите ќе може да се пријави на конвенцијата.
-Ние како политичка партија независно од огласот мериме имиња. Можам да кажам дека се не повеќе од три во моментов. Но, огласот е отворен, тоа е независен процес од анализизата која што ја прави партијата, секој оној кој што ќе ги исполни условите ќе биде дел од конвенцијата за избор на претседателски кандидат кој што ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, а со самото тоа и иден претседател на Македонија, изјави Мицкоски.
Економијата и животниот стандард на граѓаните ќе биде главната цел на ВМРО-ДПМНЕ доколку ја добијат централната власт. Мицкоски вели дека партиските тимови силно работат на економската програма која треба да донесе многу подобар живот за обичниот човек.
-Дел од мерките ги промовиравме, така што очекувам во деновите кои што следат тие мерки да зафатат корен, да станат атрактивни за граѓаните. А во периодот кој што следи уште многу мерки од програмата која што ја работи тимот на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат на јавноста искомуницирани. Очекувам дека победничката програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде идна програма на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со која што ќе ја трансформираме кон подобра Македонија, изјави Мицкоски.
Мицкоски вели дека ситуацијата во енергетскиот сектор е во катастрофална состојба. Нема никаква додадена вредност од она што Владата го планира, нешто што ќе мора да се промени после изборите на осми мај.