
Мицкоски: Стапката на сиромаштија бележи намалување, а Џини индексот е првпат под 30 проценти во последните 30 години
- Ако во 2020 стапката на сиромаштија изнесувала 23 проценти, во 2024 таа изнесува 21,9 проценти. Кога станува збор за нееднаквоста во доходите, тој џини индекс во Македонија во 2024 година за првпат во последните триесет години е под 30 проценти. Од 33,3 сега е на 29,1 процент и е најдобар во регионот...Можеби некој ќе се исмејува, но тој индекс е подобар од европскиот просек и од сите држави од регионот, што значи дека имаме поголема еднаквост во распределбата на доходите меѓу населението, рече Мицкоски.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска пред медиумите истакна дека Владата постојано работи на подобрување на условите за живот на населението и на поголема еднаквост при распределбата на приходите кај населението.
Во текот на денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, одговарајќи на новинарски прашања се осврна и на последните статистички податоци за сиромаштијата во земјата. Говорејќи за стапката на сиромаштијата и т.н. „џини индекс“, премиерот рече тој параметар што ја покажува стапката на распределбата на доходите кај населението во 2024 година бил понизок отколку претходната, и гледано пошироко најповолен за последните четири години.
– Ако во 2020 стапката на сиромаштија изнесувала 23 проценти, во 2024 таа изнесува 21,9 проценти. Кога станува збор за нееднаквоста во доходите, тој џини индекс во Македонија во 2024 година за првпат во последните триесет години е под 30 проценти. Од 33,3 сега е на 29,1 процент и е најдобар во регионот…Можеби некој ќе се исмејува, но тој индекс е подобар од европскиот просек и од сите држави од регионот, што значи дека имаме поголема еднаквост во распределбата на доходите меѓу населението, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи активно да работи на програми за подобрување на состојбите со охрабрување упатено до општините да продолжат со проектите како оној за парцијализација за млади брачни парови, ослободување од плаќање комуналии…
– Како Влада ќе почнеме да имплементираме поврат на даноци за мајките за прво, второ трето плус родено дете, тука е проектот за шест „ин-витро“ процедури што веќе функционира, вложуваме во вакви објекти што треба да се грижат за тоа, така што еден по еден ветувањата продолжуваме да ги реализираме, рече тој.
Што се однесува на растот кај индексот на сиромаштијата за категоријата пензионери, премиерот истакна дека токму поради тој параметар била донесена одлуката за линеарно покачување на пензиите.
– Очекувам лаекенскиот параметар односно стапката на сиромаштија во групата пензионери во 2025 драматично да биде подобрена. Со тие 2500 денари покачување во ноември 2024, потоа 2500 линеарно зголемување во април 2025, илјада денари во ноември, очекувам драматично да биде подобрена стапката на сиромаштија во групата пензионери споредбено со претходните години, рече тој.
Мицкоски истакна дека крајните резултати во подобрувањето на индексот на сиромаштијата кај пензионерите се уште не можат да се согледаат поради тоа што главните покачувања на мензиите се спроведени на крајот на календарските години, во месеците ноември, но оти доколку истиот се спореди со 2023 година секако ќе се види дека има подобрувања и тоа за 1,23 проценти.
– Тоа не е доволно, но ќе се забележи кога ќе бидат објавени податоците за 2025 година, рече тој.
Премиерот Мицкоски денеска ја посети Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде беше заокружен процесот на реконструкцијата и набавката на нова опрема за клиниката.