
Во рамките на престојот во Лондон, премиерот Христијан Мицкоски остварил средба со неговото кралско височество, Кралот Чарлс III.
Премиерот Мицкоски информира дека средбата со Кралот Чарлс III била искрена и содржајна.
-Разговаравме за пријателството помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, за стабилноста, развојот и заштитата на природата, области на кои Кралот со години им посветува големо внимание. Оваа средба е признание и почит, но и поттик да продолжиме по патот на заедничките вредности, довербата и партнерството, напиша Мицкоски во објавата денеска на неговиот Фејсбук профил.
Во рамки на Самитот за Западен Балкан – Берлински процес кој се одржува во Лондон, премиерот Мицкоски ќе оствари повеќе средби насочени кон економска и инфраструктурна стратешка соработка со Обединетото Кралство.
Во владината делегација што ја предводи премиерот Мицкоски, се и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани.
Главната цел на дводневната работна посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е Берлинскиот процес, односно средбите на највисоко ниво кои ќе се одржат во текот на денешниот ден. Берлинскиот процес го организира премиерот Кир Стармер и повторно ќе имаме чест во краток период од само 5-6 месеци премиерот Мицкоски да разговара со премиерот Стармер.
На самитот во Лондон ќе бидат сумирани постигнатите резултати и ќе бидат дефинирани приоритетите за наредниот период во рамките на регионалната интеграција на Западен Балкан.
Берлинскиот процес беше започнат во 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел зајакнување на политичката, економската и инфраструктурната соработка на Западен Балкан и нивно приближување кон Европската Унија.