Мицкоски: Со добри дела и со силна волја можеме да ја вратиме надежта за посветла иднина

„На сите православни христијани во Република Македонија, во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ им го честитам големиот празник Богојавление – Водици.

Овој ден ја симболизира духовноста и нашата силна вера во Бога, бидејќи кога сме силни во духот и обединети во доброто можеме да го победиме секое искушение и секој предизвик.

Како народ денес сме соочени со мрачни и тешки премрежија кои ги рушат нашите традиционални вредности кои низ вековите не одржале. Но, тука се и човечките слабости на корупција и криминал, кои ги разјадуваат темелите на нашата држава, на нашиот заеднички дом. Овие проблеми, како никогаш до сега, се закануваат на нашиот опстој и затоа мораме да бидеме единствени и одлучни да им се спротивставиме. Тие се изворот на сиромаштијата, бесперспективноста и целосниот распад на системот во Македонија и потребна ќе ни биде голема мудрост, сплотеност и истрајност тоа зло да го победиме.

Со добри дела и со силна волја можеме да ја вратиме надежта за посветла иднина и да градиме подобра Македонија за нас и за нашите идни поколенија. Тој пат ќе го одиме сите заедно во слога, меѓусебно разбирање и взаемна почит, без разлика на нашата верска, етничка или политичка припадност, затоа што тоа ние аманет од претходните и завет кој ќе го оставиме на идните генерации.

Нека е честит овој светол празник и нека донесе мир и радост во секој дом.

Нека е вечен денот Богојавление – Водици

Нека е вечна Македонија

Бог се јави, навистина се јави!“ се вели во честитката до граѓаните упатена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.