
Мицкоски се сретна Орбан, зајакнување на соработката и европерспективите на земјава меѓу темите
Сo интонирање на националните химни и со највисоки државни и воени почести премиерот Христијан Мицковски и владината делегација што ја предводи беа пречекани денеска во Будимпешта на платото во кралскиот дворец од страна на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Сo интонирање на националните химни и со највисоки државни и воени почести премиерот Христијан Мицковски и владината делегација што ја предводи беа пречекани денеска во Будимпешта на платото во кралскиот дворец од страна на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Двајцата премиери одржаа тет-а-тет средба, а во тек е заедничката пленарна седница на двете влади, по што Мицкоски и Орбан ќе одржат заедничка прес-конференција, јави специјалниот известувач на МИА од Будимпешта.
Премиерот Мицкоски на неговиот Фејсбук профил објави дека во рамки на самитот остварил средба со премиерот Орбан.
– Разговаравме за клучни прашања од заемен интерес, зајакнување на економската соработка, инвестициите, енергетиката, инфраструктурата и европската перспектива на Македонија, напиша Мицкски на Фејсбук.
Владиниот самит започна вчера со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто. Сијарто уште еднаш ја потенцира поддршката што Унгарија и ја дава на нашата земја за зачленување во ЕУ, и обвини дека „голем број држави лицемерно се однесуваат“.
-Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, но овој принцип треба да се применува кон сите. Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка на ЕУ и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ, рече Сијарто.
Во однос на евроинтеграциите Муцунски оцени дека земјата се наоѓа на клучен крстопат бидејќи и покрај донесените бројни тешки и невообичаени одлуки, со надеж дека ќе го оствариме сонот за приклучување кон европското семејство, ние се уште сме во чекалната на ЕУ.
-По сите тешки отстапки од наша страна и долгогодишните ветувања од европските партнери, сè уште се наоѓаме во чекалната, а пред нас е неизвесен пат, условен со уставни измени и низа други билатерални барања наметнати од нашиот сосед, Бугарија. Без оглед на сериозните предизвици со кои се соочуваме, сакаме да веруваме дека со максимално искористување на нашите политички и дипломатски капацитети, реално е остварлива целта што Европа ја поставува – до 2030 година да станеме рамноправен член на заедничкото, демократско и просперитетно европско семејство, рече Муцунски.
Унгарија важи за силен поддржувач на проширувањето на ЕУ, и на нашите аспирации за полноправно членство во Унијата. Двете земји се и партнери во рамките на НАТО. Унгарија и Северна Македонија, беа и коспонзори на Резолуциајта на САД во ОН за што поскоро решавање на конфликтот во Украина. Двете држави годинава одбележуваат 30 години од дипломатските односи. Тридеценискиот јубилеј е во знакот на успешна економска и трговска размена. Унгарија е меѓу десетте најголеми трговски партнери инвеститори во Северна Македонија.