Мицкоски: СДСМ води црна кампања, со монтажи и спинови, да не дозволиме повторно да бидат власт

➡ Сетете се во минатото, СДСМ кога бил влада во Македонија, секогаш се случувале историски грешки. Вратете се назад од она времено име па се до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш до сега, порача Мицкоски.

Граѓаните на локалните избори во голема мера ќе дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и ќе гласаат за бројот 9 за да продолжи Македонија да се гради и развива, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Новаци.

Мицкоски истакна дека „политичкиот противник, СДСМ оваа кампања ја започна невообичаено наспроти сите теории и практики во кампања, од прв ден со црна кампања, со монтажи, со спинови, со дефокус и со напади, најчесто против него и неговото семејство, додавајќи дека и нема што да се очекува од луѓе што нема што да кажат“.

Посочи дека ако не е црната кампања тие нема за што да зборуваат, затоа што тие од нивното време не оставиле ништо вредно, освен криминал и корупција, а потоа се сетија да го извадат слоганот дека се бореле за нивниот дом.

– Но имам јас една дилема која би сакал пред вас да ја соопштам. А, тоа е за кој дом? За хациендите на Халкидики, за хациендите во Дубаи или за јахтите коишто ги гледавме ова лето. За кој дом зборуваат? Затоа што тие имаа можност да се борат за домот седум години, а тие го опустошија и го распродадоа домот и во секоја смисла на зборот, го понижија македонскиот народ. Да не дозволиме тоа повторно да се случи, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека секогаш кога Социјалдемократскиот сојуз бил на власт се случувале грешки, како на пример временото име и последно, прифаќањето на ултиматумот од Бугарија.

– Сетете се во минатото, СДСМ кога бил влада во Македонија, секогаш се случувале историски грешки. Вратете се назад од она времено име па се до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш до сега, порача Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник на Новаци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стевче Стевановски, пак, се осврна на реализираните проекти, при што истакна дека во најголем дел се реализирани со поддршка од Владата.

Стевановски ја сподели својата визија за општина Новаци за наредните четири години и посочи дека со нова енергија ќе се реализираат и низа нови проекти како системи за наводнување, проекти кои ќе значат нова туристичка атракција, како и изградбата на мини пазар во Новаци, со цел општина Новаци да добие европски изглед и функционалност.

– Ќе изградиме систем за наводнување Новаци до Добромири од акумулацијата Суводол, системот за наводнување е капитален проект за нашите земјоделци, сигурни приноси, стабилно земјоделство и иднина за младите кои сакаат да останат тука. Ќе изградиме зип лајн од Рапеш до Груниште и пристапни скали кај Темнички вир во Градешница затоа што сакаме Новаци да стане нова туристичка атракција. Ќе изградиме мини пазар во Новаци, нашите производи ќе имаат свое место, а нашите земјоделци директно ќе можат да продаваат. Ќе ги уредиме влезовите во селата Далбеговци, Горно и Долно Агларци со лед осветлување, рече Стевановски.

Најави дека ќе продолжи со модернизација на селата и економски развој на општина Новаци преку нови инфраструктурни проекти, отворање на нови работни места и поддршка на земјоделците и младите, а во насока на тоа Новаци да продолжи да биде општина во која вреди да се живее, да се работи и да се создава иднина.

Изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, продолжува вечерва во Могила и во Битола.