Мицкоски: Процесот на одложување на уставните измени е поради тоа што власта нема поддршка

„Ние веќе година дена ги очекуваме Уставните измени бидејќи ако се сеќавате уште од минатата година јули месец почна оваа драма околу уставните измени, па требаше есента, па зимото 2022-ра, па префрлија во февруари, па не февруари туку мај, па јуни и јули еве дојде така што континуирано имаме еден процес на одложување, а процесот на одложување значи дека тие немаат поддршка што го прифатија без да ја консултираат опозицијата и без да го консултираат македонскиот народ“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на општина Штип.

Тој додаде дека од друга страна кога народот заедно со опозицијата нуди решенија за национално единство и консензус тие континуирано играат на една карта, а тоа е интересот на Бугарија и континуирано ги одбиваат овие иницијативи кои ги дава опозицијата заедно со народот.

„Сакам да сме на чисто. Пред една година јас реков поднесувам оставка доколку ова помине, пред една година реков дека ВМРО-ДПМНЕ ова нема да го поддржи затоа што бугарскиот диктат е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Во меѓувреме на неколку наврати, и од овде од Штип се сеќавате на оној т.н хрватски модел за преамбулата на Уставот беше предложен и ставен на маса“, потенцираше Мицкоски.

Тој изјави дека имаа многу можности за национален консензус и да се излезе од оваа состојба.

„После една година можам да им кажам и на Ковачевски, Османи, Маричиќ и останатите дека повеќе нема ништо на маса. Има само една работа а тоа е да седнеме и да се договориме околу изборите. Кога ќе бидат изборите, како ќе бидат изборите, на кој начин со техничка Влада, немање техничка Влада или се она кое што е поврзано со изборите“, кажа Мицкоски.