Мицкоски: Пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора во борба против пожарите

Борбата со огнените стихии во државава продолжува. Гаснењето на пожарот на планината Серта се очекува да прододолжи утрово со хеликоптери и ер трактори.

Во меѓувреме премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора во борба против пожарите.

Мицкоски синоќа во објава на Фејсбук напиша дека се бориме против огнените стихии поради топлотниот бран.

-Интензивно сме во комуникација со повеќе пријателски држави од кои побаравме помош во рамките на нивните можности за гасење на пожарите. За скоро пристигнува помош од Словенија, Турција, Србија и Црна Гора, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Тој потсети дека министрите за одбрана, МВР, надворешни работи и трговија Мисајловски, Тошковски, Муцунски како и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов се во интензивна комуникација со нивните колеги од овие држави.

-За само неколку дена после повеќегодишно запоставување и негрижа и затекната состојба на приземјени летала без пилоти, оспособивме летала кои се приклучија во гасење на пожарите и соодветен кадар. Се приклучи армијата и полицијата. Сега обезбедуваме и поддршка од пријателите. Нема да седиме со скрстени раце и ќе направиме се што е во наша моќ и надлежност да се справиме со состојбите, наведе Мицкоски во објавата на Фејсбук.