„Се следат јасни и прецизни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови. И јас сум подложен на вакви процедури како македонски премиер, македонската претседателка и сите официјални лица кои го поминуваат ВИП-делот. Јас не го користам тој дел, туку делот како и сите граѓани. Жалиме и не сакаме да се повтори“.
Ова го изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со неговиот косовски колега, Албин Курти за инцидентот со Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
Мицкоски додаде дека лично истакнал како Османи е добредојдена во земјава, како и сите граѓани од нашиот сосед.
– Лично следниот пат ќе ми биде задоволство да ја пречекам на аеродромот и заедно да ја придружувам во времето кое ќе го помине на аеродромот, за да избегнеме инциденти, а посебно однесување на поединци кои што се наш домашен проблем кој ќе си го решаваме, истакна премиерот.
Македонскиот премиер рече дека не се нарушени дипломатските односи со Косово, туку, напротив, истите ќе добијат нова димензија.
– Можам само да го повторам тоа што го кажав. Разликата меѓу овој случај и претходните два случаи кои што исто така се случиле на аеродромот, е што сега има јавност и политичати кои што се обидуваат да спечалат евтини политички поени. Нема да успеат. Слушнав изјави дека се „црвенееле политичари“, но веројатно е поради 2023 година кога на 16-ти септември и 9-ти октомври лани тогаш се случиле исти инциденти. Тогаш немаше јавност. Затоа јас лично кажав на оваа прес-конференција и на самиот состанок дека жалиме што се случи ова и што ова не е прв пат. Се понудив лично да ја придружувам претседателката на Косово до моментот до кога ќе го напушти скопскиот аеродром, рече Мицкоски.