Мицкоски прашува: Каква е врската помеѓу ЕСМ, албанската државна КЕШ, ЕТМТ Енерџи и компанијата од Тирана – ЕНЕРТРЕЈД?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави нов сет податоци од серијата во која открива како што вели, како се ограбува Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ.

„Каква е врската помеѓу ЕЛЕМ/ЕСМ, албанската државна енергетска компанија КЕШ, компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје (омилен купец на вишоците на струја на ЕЛЕМ/ЕСМ) и компанијата од Тирана ЕНЕРТРЕЈД? Заедничкиот именител што ги поврзува сите овие субјекти е корупција и штета на граѓаните на Македонија“ прашува Мицкоски.

Тој на Фејсбук споделува дека „ЕСМ/ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 30 август до 6 септември, од 2 до 7 часот во вкупна количина од 2000 MWh. Албанската државна енергетска компанија КЕШ исто така распишува оглас но за набавка на струја за периодот од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на ЕЛЕМ/ЕСМ во вкупна количина од 2100 MWh. Цената по која ноќни вишоци се продадени на компанијата ЕТМТ енерџи дооел Скопје е 337/MWh (слика 1), а цената по која албанската државна енергетска компанија КЕШ ја купува струјата по сличниот профил е 525,55 €/MWh“.

„Доколку во цената се вкалкулираат и меѓуграничните капацитети за август и септември од Македонија во Косово и од Косово за Албанија, кои во вкупна вредност за август изнесуваат 9,17 €/MWh, а во септември изнесуваат 15,65 €/MWh, тогаш вкупниот трошок за струјата купена во Македонија со вклучени меѓуграничните капацитети и банкарски трошоци (1%) за периодот од 30 август до 4 септември и профил од 2 до 6 часот, изнесуваат околу 350.000€, а истата таа струја во Албанија се продава за 525.550€. Разликата во цената на струјата купена во Македонија, пренесена во Албанија и продадена таму е околу 10.800.000 денари“ посочува тој.

Заклучокот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е „Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ/ЕСМ за само 20 часа се оштетени за близу 10.800.000 денари и наместо вишоците да бидат понудени на стопанството кое плаќа според HUPX струја и грчевито се бори да опстане и да ги задржи работниците, парите се крадат и завршуваат во приватни џебови“.