Мицкоски по повод 23-годишнината од Рамковниот договор: Меѓуетничките односи се столб на нашето општество

Треба да се биде реален и отворено да се каже дека при потпишувањето на Рамковниот договор во тоа време не направи ниту една страна да биде среќна и задоволна, но мора да се признае дека токму Рамковниот договор го донесе мирот во земјава, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на владината седница по повод 23-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор во 2001 година.

– Тоа што сме различни по етничка и верска припадност, не нѐ прави различни по приоритетите и потребите. Имаме исти заеднички проблеми и затоа треба заеднички да ги решаваме тие проблеми. Не сите придонесуваат подеднакво во овој процес, но суштинското прашање е кои се мотивите? Етничките теми се злоупотребуваат и се градат кариери во тоа име. За одредени политички партии Рамковниот договор е најдобар само кога тие се на власт, но кога ќе бидат опозиција, тие веднаш смислуваат критики, заборавајќи колку е скапа цената на тој договор. Ова го користат како платформа за градење кариери и бизнис коалиции. И кога зборуваат за европски вредности, знајте дека тогаш најмногу ги кршат тие вредности. Колку обичниот човек денес е задоволен? Одбивам да навлегувам во етнички перипетии на поединци, но ајде заедно да видиме колку можеме да го подобриме животот на народот. Рамковниот договор е дел од Уставот и тоа што не е завршено се реалните проблеми на нашите сограѓани – порача Мицкоски.

За тоа „што е тоа патриотизам“, премиерот рече:

„Тоа е кога за еден месец ќе донесеме три инвестиции, кога ќе исплатиме повеќе од 1 милијарда денари од буџетот заборавени субвенции за земјоделците, кога ќе обезбедиме пари за плати за оние кои не добиле 3-4 месеци. Патриотизам е кога ќе издвоите 15 милијарди денари за инвестиции во општините. Зошто е ова важно? Затоа што болката на семејствата кога си одат нивните најблиски во странство е огромна. Таа солза е подеднаква кај сите. Оваа наша влада има можност да покаже дека сме подготвени да одговориме на предизвикот и сета онаа болка насобрана кај македонските граѓани ќе исчезне по нашата жртва и работа. Ова е наша заедничка татковина и дом кој заедно треба да го градиме. Меѓуетничките односи се столб на нашето општество, не се само правни обврски или политички договори, туку се жив процес кој бара од нас ангажираност. Бог да ја благослови Македонија“.