Мицкоски: По изборите ќе се занимавам со корупцијата во судството и обвинителството

➡ По локалните избори имам намера да се занимавам со корупцијата во судството и обвинителството, затоа што мора еднаш засекогаш да се стави крај со овој перманентен бастион на криминалот, истакна на митингот во Струга претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски подвлекувајќи дека СДСМ и ДУИ, како што рече, грчевито ќе се борат за спас во корумпираното судство и обвинителство.

По локалните избори имам намера да се занимавам со корупцијата во судството и обвинителството, затоа што мора еднаш засекогаш да се стави крај со овој перманентен бастион на криминалот. Тоа го истакна на вечерашниот митинг во Струга претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски подвлекувајќи дека СДСМ и ДУИ, како што рече, грчевито ќе се борат за спас во корумпираното судство и обвинителство.

– Тоа им е последното танго за спас на нивните кариери и шанса да одбегнат одговорност. Од месечинаta се гледа дека последниот бастион на криминалот во државата стана судството и обвинителството, кое ги штитат СДСМ и ДУИ, како бели мечки. Нема ниту еден случај во институциите, кој што сме го предочиле, обезбедиле докази, а да заврши со обвинителен акт за било кој поранешен висок функционер. А случаи има колку сакате, само недостасува волја. Во судовите и обвинителствата главни се аргатите на СДСМ и ДУИ. Тоа е нивната задача да ги штитат, подвлече Мицкоски.

Според него, не може да има слободни корумпирани политичари, ако нема корумпирани обвинители и судии, кои што ќе ги штитат.

– Затоа после изборите следуваат реформи кои ќе ја откријат вистината и ќе ја донесат правдата во нашата држава, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски се осврна, и на, како што рече, тајни договори меѓу политичките партии од опозицискиот блок, како посебен нагласувајќи го тој во Струга меѓу Левица и ДУИ, чија цел, рече , била да го одржи ДУИ и во следните четири години.

– Тоа е договор којшто токму овде во Струга има за цел да нанесе директна штета на стружани. На сите оние стружани коишто длабоко во себе чувствуваат немир, револт и се згрозени од она повеќедецениско владеење на ДУИ во Струга. Која е целта на тој таен договор и која е целта на оваа коалиција? Прво, да направи дисипација на анти ДУИ гласовите, да ги подели стружани, а како тоа ќе го направат? Со тоа што истакнаа кандидат којшто како велеа на изобрите во 2021 година „ако сте кандидат за градоначалник, тогаш логично е да си дадете оставка“. Но, видовме дека кандидатот на Левица не си даде оставка од Собранието. Како можеме на човек којшто на почеток од кампањата не ја говори вистината да му веруваме дека има чесна намера, рече Мицкоски.

На присутните на митингот во Струга, градот во кој ВМРО – ДПМНЕ нема кандидат за градоначалник, туку само советничка листа, им предочи дека имаат два избори, едниот, според него, е да одат сите назад, кон темното минато на криминалот, корупцијата, тендерите, распаднатата и одземена држава, а другиот е оној во кој ќе изберат чесни кадри во Советот, со чија помош ќе се спротивстават, на наследениот трул систем.

Промените, нагласи тој, не доаѓаат одеднаш, туку доаѓаат чекор по чекор, со луѓе кои ја чувствуваат улицата, ги споделуваат соништата, се радуваат на туѓите успеси и макотрпно и одговорно работат.

– Вистинскиот избор за Струга е советничката листа предводена од професорот Коста Хиохи. Тоа е вистинскиот начин масовно да излеземе, да ја поддржиме советничката листа, да го заокружиме бројот 9, поддржувајќи ја коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ и на тој начин да и помогнеме на Струга да се ослободи од корупција, напластени проблеми и да ја градиме партнерски, нагласи Мицкоски

Посочи дека имаат проекти кои ќе бараат да ги исполни идниот градоначалник на Струга со поддршка на Советот, меѓу кои ги наброја целосната реконструкција на водоводната мрежа и изградба на катна гаража. Вети и изградба на нова градинка, за намалување на листата на чекање на која моментално имало 400 дечиња, за која доколку не покаже разбирање Општината, тоа ќе го направела Владата преку ресорното министерство.

Генералниот секретар на ВМРО – ДПМНЕ Ѓоргија Сајкоски ги повика стружани на овие локални избори да направат референдумско гласање во Струга и со тоа да се поразат сите политички чинители, да и дадат нова надеж на Струга да биде подостоинствен град и да се гради со поддршка од централната власт. Од новите советници и од стружани кои се директните учесници во извршната власт кажа дека се очекува да испорачаат проекти кои ќе направат услови за подостоинствено живеење и подобар живот во градот.

– Долго време Струга е во рацете на луѓе коишто немаат чувство ни за своите, ни за туѓите. Во рацете на оние коишто се борат само за себе, но за да ги поништат сите други, во рацете на оние коишто тонат во криминал и коишто направија огромна штета и за Струга и за сите општини со кои раководат тие. ДУИ направи штета и за своите, за Албанците, Македонците, Турците, Ромите и другите граѓани и во Струга и во другите региони, рече Сајкоски.

Со гласање за број 9, подвлече, Струга ќе стане туристичко место, кое ќе сакаат да го посетуваат сите граѓани од Македонија, како и посакувана туристичка дестинација и за граѓаните од регионот.

Носителот на советничката листа Коста Хиохи истакна дека во својата програма со конкретни проекти и визија за Струга нудат подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.

Тој се осврна на проблемите со кои се соочува Струга, дивите депонии, дивоградби, криминал и корупција, водоспабдувањето…., нагласувајќи дека по долги стручни анализи и консултации со експерти изготвиле програма која ќе стави крај на девастацијата на градот.

– Најпрво, со изборот на новиот градоначалник и Советот на општината, ќе иницираме конзервирање на дивата депонија до нејзина конечна дислокација. Набавка на нови соодветни возила за транспорт на селектираниот отпад. Паралелно на тоа, ќе извршиме ревизија на функционалноста на водоводната мрежа и детекција и санација на дефектите, но и на дивите приклучоци, при што ќе се изврши ослободување на мрежата и зголемување на нејзината функционалност и капацитет. Ќе обезбедиме средства за заживување на старата струшка архитектура. Исто така се обврзуваме да се избориме за градба на катни гаражи со преку 300 возила во најфреквентните делови на градот, со цел да го решиме проблемот со сообраќајниот хаос, рече Хиохи.

Ги повика граѓаните на масовно да излезат на 19 октомври и да го заокружат бројот 9, односно, како што подвлече, да гласаат за промени, проекти и развој на општина Струга.