Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата потврди дека екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски е надвор од државата. Тој додаде дека единствено Ковачевски е недостапен за органите на прогонот, а дека се обезбедени останатите 22 лица осомничени за криминал во врска со работењето на електраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино.
„Имаме 23, минус еден можеби е избеган, но очекувам да биде обезбеден пред правдата. Не, не е во државата, но очекувам да го обезбедиме“,рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека се работи за добро организирана група на високи претставници на компанијата и лица кои управуваат со други правни субјекти, кои што се здружиле и за кои постои сомневање дека направиле криминал тежок 6,5 милион евра.
„Многу докази се најдени но тоа ќе го оставам на обвинителството. Нели, мораме да веруваме на презумпцијата на невиност. Но тоа што е најдено е навистина загрижувачки“ посочи тој.
Мицкоски најави дека во периодот што следи ќе има уште многу потврди на сето она што го имале како сомневање.