Мицкоски повторно е позитивен на ковид-19

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е заразен со коронавирус и ја откажува денешната посета на Општина Маврово и Ростуше, соопштија од партијата.

Оттаму велат дека Мицкоски развил симптоми на ковид-19, по што направил брз антигенски тест, кој покажал позитивен резултат. Од партијата додаваат дека во текот на денот Мицкоски ќе направи и дополнителен ПЦР-тест.

Претседателот на најголемата опозициска партија во изминатиов период имаше зголемени активности поради дополнителните избори за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа, како и за членови на Советот на Општина Тетово, кои треба да се одржат на 20 август.

Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е вакциниран и ја има прележано болеста, а беше и на лекување на Инфективната клиника.