Мицкоски очекува пониска инфлација, вели дека ДДВ останува 18 отсто

Очекувам во следните два квартали да ја одржиме стапката на раст во рамки на бруто домашниот производ и во вториот квартал да порасне некаде околу 7,8 отсто што е важно, бидејќи кога го пресметувате буџетскиот дефицит важен е номиналниот раст на бруто домашниот производ, кои ќе биде највисок досега, истакна премиерот Мицкоски на денешниот Бизнис форум што се одржа во Струмица.

Еве трет месец по ред имаме инфлација која од 4,9 отсто дојде до 4 отсто и очекуваме во следниот период да се намалува. Тоа е добра вест и за граѓаните, бидејќи на тој начин и тие ќе имаат подобар стандард и поквалитетен живот. Очекувам во следните два квартали да ја одржиме стапката на раст во рамки на бруто домашниот производ и во вториот квартал да порасне некаде околу 7,8 отсто што е важно, бидејќи кога го пресметувате буџетскиот дефицит важен е номиналниот раст на бруто домашниот производ, кои ќе биде највисок досега, истакна премиерот Мицкоски на денешниот Бизнис форум што се одржа во Струмица.

Тој очекува во рамките на буџетската консолидација оваа година дека ќе заврши да е на ниво под 4 проценти буџетски дефицит.

-Консолидирањето започна лани, не успеавме во 2022 и 2023 година и ќе продолжи наредната година и да дојдеме под оние 3,5 проценти, кои се нормални во европските земји. Очекувам стабилна макроекономска политика и имаме притисок за зголемување на ДДВ, но тоа нема да се случи-останува 18 отсто, иако имаме притисок за зголемување на старосната граница за одење во пензија, ние донесовме закон да бидат ангажирани пензионерите и да си платат даноци и придонеси. Нема да има зголемување на даноците, освен оној данок што мора да го зголемиме, тоа данокот на профит од 15 отсто кај одредени компании кои ги исполнуваат условите кои ги има наметнато ОЕЦД. Кај нас такви се три типа компании-странски кои работат во економските зони, странски инвеститори кои не работат во зоните и домашни компании коишто се во сопственост на мултинационални компании кои работат во Македонија, посочи Мицкоски.

Очекува во годините што следуваат да се води стабилна макроекономска политика, стабилна промакедонска политика дома и надвор и останува интреграцијата во ЕУ, но не по секоја цена затоа што ценат дека како Влада доволно е направено, односно, како што рече, веќе нема услов за безусловно прифаќања на било какви диктати или ултиматуми.

-Ние ќе си ја напишеме домашната задача во делот за планот за развој и економската агенда, ние ги испорачуваме. Ние ќе ги направиме сите реформи, ќе се развиваме на начин на кој се развиваме, но повеќе билатерални уцени оваа влада и додека јас ја водам оваа влада таков тип на прифаќање нема да има, како што беше случај во минатото. Нас ни треба стабилен чекор, нека биде ситен, но да биде стабилен напред до моментот на консолидирање. Ако некој му текне и ја викне нашата земја таму- се знае тоа е политичка одлука на други, а не на Македонија. Ние јасно сме кажале дека нашата иднина е да бидеме таму, додаде премиерот.

Информираше дека со САД се преговара за потпишување на договор поврзан со трговските тарифи за отприлика осумдесетина производи и артикли и таа тарифа да се движи меѓу нула и 8 проценти.

-Практично да бидеме најконкурентни и мислам дека за дел од тие производи ќе успееме, вклучително и земјоделските производи. Имаме голем извоз на автобуси таму преку поранешен „Ван Хол“ во износ од 250 милиони долари. Ако успееме да го постигнеме тој договор онака како што планираме, извозот ќе порасне на една милијарда долари, а се планира изградба на две фабрики за автобуси во Македонија, од кои едната може да дојде во Струмица, рече Мицкоски.

Додаде дека на праг сме на реализација на инфраструктурните проекти кои ги имаме со Велика Британија.

-Во моментот имаме избор на индикативна финансиска понуда, необврзувачка и ќе влеземе во процес на дефинирање на договорот и есента следната година очекуваме да почне реализацијата на овој голем капитален проект. Така што кога сето ова би се аплицирало во годините коишто следуваат очекуваме инвестициски бран меѓу 4 и 5 милијарди евра, или годишно околу една милијарди евра, истакна премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Пред стопанствениците на Бизнис форумот се обрати и кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Петар Јанков, која истакна дека задача на градоначалникот е да излезе во пресрет на бизнис секторот.

-Ние треба да бидеме партнер, а не негова административна пречка. Затоа, ќе формираме економски-социјален совет кој ќе функционира заедно со граѓанскиот сектор, со јавната администрација со цел да бидете подобро запознати за сите проекти и инфраструктурни проекти, рече Јанков.

На Бизнис форумот во Струмица присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, заменикот министер за економија, Марјан Ристески и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски, кои одговараа на прашањата поставени од стопанствениците.