Мицкоски: Очекувам осуда од официјална Софија и европските институции за однесувањето на европратеникот

Ние како политичка партија и јас како човек ги поддржувам Македонците каде и да се наоѓаат во светот. И мора да се бориме за нашите браќа Македонци, затоа што не не има многу. Не има за жал се помалку, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјава за вестите на Канал 5 телевизија.

ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија никогаш не смее да има дилема во поддршката за македонскиот народ и Македонците без разлика дали се тука во Бугарија или било каде во светот, рече тој.

Мицкоски додаде дека ова треба да биде еден вид начин како да се поврзуваат народите, како различностите да се поврзуваат.

Денеска ова што го видовме овдека во Благоевград од поединци навистина не личи на луѓе кои што се политичари, и кои што доаѓаат да речеме од највисокото европско тело, а тоа е ЕП. Имавте прилика да видите како еден европратеник се однесува, дури и не можам да го коментирам, не знам дали воопшто заслужува тој човек било каков коментар и очекувам осуда од официјална Софија за неговото однесување. И очекувам исто така осуда од страна на европските институции за неговото однесување, бидејќи ако вака се однесува еден европратеник и тоа остане неискритикувано тогаш навистина не знам што повеќе да додадам, рече Мицкоски.

Претходно европратеникот Ангел Џамбаски порача дека „Македонија е бугарска“ и дека Македонците немаат место ни во Европа ни во Пиринска Македонија. Спречуваше и Македонци да влезат во новоотворениот клуб „Никола Вапцаров“.