Мицкоски: Очекувам голем одзив на народот на протестот под слоганот „Премногу е! Протест за промени“

По општинските комитети се бара возило повеќе за да им се овозможи на луѓето кои изразиле желба да присуствуваат на протестот в сабота, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и најавува масовност.

Знамиња, пароли, пораки за промени, обезбедување возила за превоз. Во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ е многу фреквентно, со оглед дека привршуваат подготовките за најавениот протест на 18-ти јуни во Скопје.

„Очекувам голема посетеност и одзив на народот на протестот кој ќе се одвива под слоганот ‘Премногу е! Протест за промени’, вели за ДВ лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Тој уште минатиот месец 18-ти јуни го опиша како датум-меѓник помеѓу првиот и вториот дел од партиските активности, кои ќе бидат континуирани во текот на летото. Според најавените активности, ова лето ќе биде политички многу жешко, а според економските показатели – и многу тешко.

„Лошиот живот, инфлацијата, лошата економија стануваат неподносливи, а огромен број на граѓани бараат излез од актуелната состојба. И, знаејќи дека поминаа 5 години од истата влада, многу јасно е дека за неколку месеци од сега нема да се живее подобро. Од тој аспект најдобро решение се избори, на кои оваа Влада ќе биде срушена. Подготовките течат на солидно ниво и можам да кажам дека има огромен интерес и одзив на многу луѓе кои ќе дојдат во Скопје на 18-ти јуни. По општинските комитети се бара возило повеќе за да им се овозможи на луѓето кои изразиле желба да присуствуваат на тој протест“, вели партискиот претседател.

Со масовно присуство партијата сака да испрати порака до власта какво е расположението на граѓаните за промени, но и свесна е дека тие промени не може да се случат ниту преку ноќ, ниту со еден протест.

„Оваа власт која силно ги узурпира институциите и процесите не е можно да падне со еден протестен собир. Целта на протестот е да испратиме порака на масовност, дека овој народ има свој став, но и да дадеме јасна порака дека вака повеќе не може. Воедно ќе испратиме и порака дека Владата не смее да го игнорира народот и неговата волја, и затоа во периодот што следи ќе бидеме уште погласни и уште поприсутни, и во тој аспект сите опции се возможни“, најавува Мицкоски, кој на протестот ќе има обраќање пред граѓаните.

Во овој момент лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не ги открива сите можни опции, но вели дека тие ќе кулминираат со масовен активизам.

„Наредните чекори ќе бидат во правец на рушење на власта користејќи ја демократијата, улицата и обединувајќи го народот против најголемата причина за колективната несреќа, а тоа е оваа власт. Кога нема никаква причина да се одржи Владата, природно е да се провери волјата на народот и да има избори. Доколку таа можност се одбие, тогаш на сцена ќе стапат чекорите кои ќе ги најавиме во периодот што следи, а се во насока на мобилизација и масовен активизам“, најавува Мицкоски.

Во изминатиов период копјата меѓу власта и опозцијата постојано се кршат по прашањето – дали се нужни предвремени избори? Власта смета дека „не се потребни и не е време за тоа“, а опозицијата – дека „за оваа катастрофа, актуелната влада не е решение, туку проблем“.

„Нема да глумиме нормализација, затоа што и реалноста која ја живееме не е нормална“, порачува Мицкоски во повеќе наврати.

Премиерот Ковачевски во повеќе наврати повторува дека нема да има предвремени, туку избори во редовен термин.

„Избори ќе има во 2024 година. Доста беа времињата кога во државата се правеа избори на две години. Владата има полн легимитет и мандат, посветена е на решавање на проблемите и справување со предизвиците пред граѓаните и државата“, порачува Ковачевски.

Протестот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во политички фреквентен период – една недела пред самитот на врвот на ЕУ и очекувањата на РСМ за деблокада на бугарското вето.

Тој процес е проследен со бројни критики од опозицијата за начинот на кој власта ги води разговорите со Софија, но и жестоки критики кон „дериватите“ настанати како резултат на нејзина ненавремена реакција или отсуство на реакција, вклучително и за „сарказмите“ на албанскиот премиер Еди Рама.

Тоа не е единствениот фронт во моментов. Вториот е насочен кон расправата за ребалансот на буџетот за 2022 година за кој од опозицијата велат дека „е директен доказ оти земјата е на раб од банкрот, економски разрушена и во која на дневна основа се зголемува сиромаштијата“, смета Мицкоски.