Мицкоски: Остануваме на нашите позиции, но сакаме и средба со бугарските власти

Премиерот Мицкоски додаде дека на таа средба треба да се види дали можеме да ги надминеме разликите околу тоа како ние го гледаме патот на Македонија до полноправно членство во Европската Унија и како тие го гледаат.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ во однос на македонското членство во ЕУ и конечното формирање на политичка влада во Бугарија истакна дека македонската Влада останува на своите позиции дека членството треба да се исполни според постигнувања, не според билатерални спорови, а тој е подготвен да разговара за надминување на проблемот со бугарските власти.

„Немам проблем да иницирам средба со Бугарија, ние сме соседи и логично е да иницираме таква средба, да се запознаеме, колеги сме, соработуваме, заедно сме во НАТО. Апсолутно ќе побарам средба“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека на таа средба треба да се види дали можеме да ги надминеме разликите околу тоа како ние го гледаме патот на Македонија до полноправно членство во Европската Унија и како тие го гледаат.

„Тука е разликата генерално, затоа што ние секако за иста тема имаме различни гледишта. Ние имаме наша стратегија, суштината една, а тоа дали нас после две децении ќе ни биде дозволено да го почнеме процесот на преговори и истиот да се вреднува според постигнување, а не билатерални спорови. Да видиме дали тука можеме да се најдеме“, вели Мицкоски.

Мицкоски: Директорот на АНБ, Христовски спроведе три сложени операции против сериозни терористички ќелии, неговата работа треба да се вреднува

Во гостувањето во емисијата „360 степени“ на МТВ, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски беше запрашан за кадровските решенија со акцент на именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност.

„Неспорен факт е дека Бојан Христовски во моментот е носител на сертификат за безбедност кој што е од највисок вид. Не само кај нас како држава, туку и во рамките на НАТО. Тој сертификат го поседуваат 36 луѓе, меѓу кој сум и јас, 12 вработени во ДБКИ и луѓето кои што работат во НАТО мисијата во Брисел. Тој сертификат го поседува Бојан Христовски“, одговори премиерот Мицкоски и дополни дека овој сертификат се издава под строгите правила и мониторинг на НАТО алијансата.

„Не може вработени во НАТО периметарот, кој што го поседуваат овој сертификат издаден од истата институција да не се мониторирани од самата НАТО структура. Апсолутно, со сето ова сите оние тези во јавноста дека тој не исполнува услови за безбедносен сертификат или не знам што, паѓаат во вода“, заклучи Мицкоски.

„Само во изминатите неколку недели откако е именуван, односно неколку месеци таму каде што е, покажал вонредни резултати заедно со нашите стратешки партнери во разбивање на три многу сериозни терористички ќелии во државата. Прашањето е зошто во минатото не биле сузбиени“, рече Мицкоски и посочи дека како премиер може да суди врз основа на квалитетот на извршување на работните задачи за кои може да се рече дека се вонсериски во овој момент.