Мицкоски: Оставката на Дамева не треба да биде исклучок, туку правило во иднина
Оставката на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет не треба да биде исклучок, туку правило во иднина. Секој којшто нема да ја оправда довербата, без разлика на неговата улога во општеството треба да си замине, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Оставката на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет не треба да биде исклучок, туку правило во иднина. Секој којшто нема да ја оправда довербата, без разлика на неговата улога во општеството треба да си замине, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во однос на оставката на досегашната претседателка на судскиот совет, Весна Дамева.
Мицкоски најави дека ќе продолжи да упатува пораки кон обвинителите и судиите, како што рече, „да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата“.
Одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во Скопје, премиерот порача дека судиите и обвинителите треба да стават фокус на справување со криминалот и корупцијата, нагласувајќи дека секој кој нема да ги исполни очекувањата на граѓаните, треба да си замине.
Според него, ова правило не треба да има исклучок во иднина, без разлика на функцијата во општеството.
– Јас не би го гледал тоа дека е некаков почеток или некаков крај. Мислам дека овој процес треба да биде динамичен, односно секој оној којшто нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине, без разлика каква е неговата улога во општеството. Ценам дека овој судски совет, ценам дека судството и обвинителството заедно со оваа доверба што ја имаат во граѓаните не успеаја и ова не треба да биде исклучок ова треба да биде правило во иднина, дека секој оној што нема да ја оправда довербата на граѓаните треба да си замине, без разлика која улога во општеството ја има. Така што, очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред сè важи за обвинителите коишто во сред акции кога треба да потпишат налог за претрес или приведување ќе повторам добиваат главоболка, повишена темпертаура, грчеви во стомак, дијареја и анксиозност, изјави премиерот.
Прашан за коментар дали смета дека државниот јаве обвинител ја „сватил пораката“ по повикот да се изврши реорганзација во Обвинителството, посочи дека „не е одлика на сегашната Влада да обвинува и суди како што било пракса на некои минати влади“, но дека ќе упатува пораки дека секој треба да си ја извршува работата.
– Јас не би сакал да го коментирам државниот јавен обвинител, биејќи често пати бев прашуван, имате комотно мнозинство зошто не постапувате како што постапувале во минатот владите кога биле избрани. Јас давав одговор дека сакаме да дадеме шанса на процесот и да видиме дали можеме правдата конечно да ја добиеме. И граѓаните со право се лути на Владата зошто не постапуваше досега, бидејќи логично е дека граѓаните мислат дека ние како влада треба да обвинуваме и судиме. Тоа не е наша политика, можеби на некои минати влади, но на оваа влада тоа не е политика, рече Мицкоски.
Тој дополни дека преку истражните органи, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи, итн., итн. може да се подготви случај и да му биде дадеме на Обвинителството. Но, потенцира, тоа поднесува пријава, а подоцна доколку прифати суди.
– Не е тоа државата и тоа на памет не ми паѓа ниту никогаш ќе го правам. Јас само упатив многу пораки во јавноста и ќе продолжам да упатувам кон овие две институции и обвинители и судии, да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата. И конечно очекувам да почнат да си ја работат работата и да ја заработуваат платата којашто има ја даваат македонските граѓани, а не е мала, изјави Мицкоски.