Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и носител на листата во Изборната единица 1 Христијан Мицкоски вечерва од Струга повика на сеопшто државно обединување на народот и сите сегменти на општеството против актуелната Влада и масовно да застанат зад коалицијата предводена од неговата партија и кандидатката за претседател Гордана Силјаноска Давкова.
– Ги повикувам сите и стари и млади, албанци, турци, срби, бошњаци, роми, власи, сите граѓани во Македонија да се приклучат. Ова не е само моја или само наша битка овде, туку битка на народот против оваа власт. Подавам рака и барам да се приклучат сите: земјоделците, вработените, невработените, лекарите, млади, стари, стопански комори.., против заедничкото зло и изворот на сите страдања, а тоа е оваа Влада на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.
На народот му порача да не дозволи да биде уценуван, од како што посочи, оние што треба да ги сменат.
– Знам дека ќе се обидат овие денови да уценуваат, посебно овие од ДУИ за да излезат на претседателските избори во вториот круг. Тоа не е воопшто државотворен чекор. Тоа воопшто не е чекор на политички партии кои се претставуваат изминатите шест и пол години не само дома, туку и во меѓународната заедница како државотворни партии. Тие се обични кукавици кои сакаат да уценуваат и се силни само кога пред себе имаат слаб противник, рече Мицкоски.
Според него, народот е посилен од секое сценарио на владата на СДСМ и ДУИ, и им се заблагодари на граѓаните за поддршката и победата.
– Народот покажа дека е посилен од секое сценарио, од секоја шема направена од истите политичари кои со години крадат и се богатат на грбот на сиромашниот и напатен народ. Им доаѓа крајот, цунамито се крена, а потресот го направивте вие народот на Македонија и ви благодарам за тоа, истакна Мицкоски.
Резултатот на вчерашните избори, нагласи, бил одговор за, според него, предавствата, аферите, криминалот и понижувањата на Македонија и граѓаните од владата на СДСМ и ДУИ.
Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има план и програма „Платформа 1198“ со која ќе ја трансформира Македонија напред.
– Работата не е завршена. Победата е голема. Финалето следи на 8 мај. Имаме противник кој нема да жали средства ниту методи за да си ги задржат фотелјите. Добија жолт картон вчера, на 8 мај треба да добијат црвен. Црвен картон за цела влада. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавства. Сите нивни понижувања кои ги прават посебно изминатите денови. Ова е револуција на народот на Македонија и таа нема да запре. Затоа ве молам, ве молам за поддршка од сите. Повикувам за сеопшто државно обединување на народот и сите сегменти на општеството против оваа влада, нагласи Мицкоски.