
Мицкоски од Вевчани: На овие локални избори СДСМ го очекува уште еден изборен дебакл
➡ На овие локални избори Социјалдемократскиот сојуз го очекува уште еден изборен дебакл, порача вечерва од Вевчани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На овие локални избори Социјалдемократскиот сојуз го очекува уште еден изборен дебакл, порача вечерва од Вевчани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, барајќи ја довербата од вевчанци својот глас на локалните избори да го дадат за кандидатот Спасе Кочовски и носителот на советничката листа предводена од Леон Даскалоски, забележа дека во Вевчани живее честит и гостопримлив народ, кој знае како се сака и чува Македонија.
– Ова се избори за тоа, како како сакате да продолжи да се развива општината, затоа што во Вевчани не е само културата, важен е и духот кој го носите во себе, тука се и маалата, улиците, природата, зелените површини. На овие избори одлучуваме за микро светот во кој пораснавме, во кој се гради карактерот на секој еден од нас, подвлече Мицкоски.
На Вевчани, нагласи тој, му треба домаќинско работење, а Кочовски покажал како одговорни и чесно се прави тоа.
– На Вевчани му треба домаќинско работење, Спасе Кочовски во изминатите четири години покажа како во едни тешки услови како се работи чесно, одговорно и посветено, потенцираше Мицкоски.
Генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајковски повикувајќи ги вевчанци довербата да му ја дадат повторно на Кочовски и советничката листа на ВМРО – ДПМНЕ, посочи дека централната власт ќе и стои на располагање на локалната власт и оти заеднички ќе направат многу.
– Заеднички ќе направиме и тоа што не е ветено, заеднички ќе ги задоволиме вашите потреби, заеднички изградиме и доградиме она што не успеа во претходните три години кога немаше поддршка од централната власт, рече Сајковски.
Кандидатот и актуелен градоначалник Кочовски посочи дека пред четири години застанал пред сограѓаните со јасна и чиста заложба дека ќе работи за доброто на секој.
– Ветив дека Вевчани ќе биде општина за сите, без поделби, без предрасуди, без разлика на партиска припадност, убедливост или различност. Денес по четири години можам гордо да застанам пред вас и да кажам дека ветеното го исполнив, рече Кочовски, нагласувајќи дека со тимот изградиле функционална општина достапна за своите граѓани.
– Нашата визија за Вевчани е поголема од четири години. Нашата визија за иднината во која младите остануваат тука, а секој жител се чувствува сигурен, перспективен и достоинствен. Затоа денес повторно ја барам вашата доверба, не како градоначалник, туку како човек кој ќе ја оправда вашата доверба. За да ги завршиме започнатите проекти, но и за да отвориме нови перспективи со цел да го направиме Вевчани пример на локална самоуправа, која навистина работи во интерес на народот, истакна Кочовски.
Потсетувајќи на реализираните проекти во изминатите четири години, тој вети дека приоритет ќе остане инфраструктурата, но ќе се инвестира и во повеќефункционално игралиште, реконструкција на старата кино сала, доградба на градинката, како и нови и водоводни и канализациски линии….. Вети инвестиции и во културата со акцент на вевчанскиот карневал, како и во здравството со реконструкцијата на ЈЗУ „Здравствен дом“…