Македонија повеќе не може да прифаќа ултиматуми за влез во Европското семејство, порача премиерот Христијан Мицкоски од првата посета на Брисел. За напредок кон Европската Унија променивме знаме, променивме име, доживеавме големи понижувања, кои повеќе не смее да ги има. Овие пораки премиерот ги испрати по работниот ручек со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен и претседателот на Европската комисија Шарл Мишел.
Мицкоски порача дека Македонија ќе биде конструктивна во европскиот пат, но нема да прифаќа уцени кои државава ги има долги години.
– Ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми. За нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава членка на Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е ако има желба има и начин, ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел, остануваме фокусирани да предлагаме решенија и ако навистина има желба, тогаш има и начин, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски патот кон Европската Унија треба да го трасираат постигнувањата на државава, а не билатералните спорови да бидат пречка. За тоа Мицкоски говорел и со европските лидери.
– За жал ние речиси две и пол откако го почнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме договорот за асоцијација и стабилизација сме жртви на билатерални проблеми односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да почнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите, не зборуваме за полноправно членство во Европската Унија, изјави Мицкоски.
Покрај македонската делегација во Брисел се и лидерите на другите земји од Западен Балкан. Главна тема на средбите е Планот за раст на регионот. Мицкоски истакна дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе бил доставен до Брисел.