
Мицкоски: Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери
Осврнувајќи се на довербата во судството, Мицкоски рече дека два проценти доверба во судството се последица на неказнетиот криминал и сознанието дека повеќе од 100 пријави стојат во фиоките на судиите и обвинителите кои им служат на СДСМ и ДУИ.
Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери. Тие се уплашени од одговорност и затоа ова тесна мала група која што ја има киднапирано СДСМ, ја држи цела држава Македонија во грч. И како такво, јас ова го разбирам како потценување на гласачите и директна уцена врз цела држава, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски од митингот во Свети Николе.
Мицкоски се осврна и на трката за градоначалник на Град Скопје, посочувајќи дека кандидатот од СДСМ не е во трка со кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку со независните кандидати.
– Јас ја кажувам вистината во очи, без оглед на тоа дали Филипче ме мразел или презирал, како што тоа го кажа на еден од последните митинзи. И тоа што ме презира е помало гајле, поголемо е што таа негова политика на навреди, на ниски зборови, кои што не би требало човек интелектуалец да ги кажува, па колку и да чувствува гнев кон мене и кон ВМРО-ДПМНЕ, ја доведе СДСМ на едвај 120-130 илјади гласови, а во некои општини, оваа политичка партија е трета, во некои е и четврта опција. Во главниот град, на пример, очекувањата се дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје нема да ја надмине бројката од 30 илјади гласови. Што во суштина, е далеку под нивниот биолошкиот минимум, и е доволна основа да биде трка не со ВМРО-ДПМНЕ и со Орце Ѓорѓиевски во Скопје, туку со некои од независните кандидати, истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на довербата во судството, Мицкоски рече дека два проценти доверба во судството се последица на неказнетиот криминал и сознанието дека повеќе од 100 пријави стојат во фиоките на судиите и обвинителите кои им служат на СДСМ и ДУИ.
– Она што сега ги мачи е чувството и сознанието дека се ближи времето на одговорност и се стега обрачот и околу нив и околу оние кои упорно ги штитат. За тие што ги штитат, пак, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе каже дека биле големи професионалци, а тие кои што ги штитат и се нивниот последен бастион, се малкумина обвинители и судии, и поради нив денеска довербата на народот во обвинителите и судиите е скромни 2 проценти. Тие два проценти доверба се последица на секој неказнет криминал, на сознанието дека повеќе од 100-тина пријави држат во фиоки и ја штитат својата политичка олигархија по секоја цена. Тие малкумина се нивните лакеи и измеќари, кои што се уште и служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.
Додаде дека поради двоцифрената инфлација и празната државна каса што ја оставиле, СДСМ ќе изгубат убедливо на локалните избори.
Кандидатот за градоначалник Дејан Владев, кој беше на оваа функција и во изминатиот период, рече дека не ги дели луѓето по партии, туку дека пред се важен му е интересот на градот.
– Ве повикувам повторно да ми ја дадете вашата доверба, затоа што ме познавате, не ветувам чуда, но секогаш ветувам чесна, упорна и посветена работа. Стојам тука пред вас, токму, кога е најтешко, не се кријам стојам со лице пред народот и ја превземам одговорноста секогаш. Знам што значи да ја имам вашата доверба. Имам тим, имам визија. Но, пред се обврска пред сите вас, да продолжам со проекти, со конкретни резултати и со грижа за секој ден и за секој дел од општината, рече Владев.
Посочи дека кога централната и локалната власт се на иста страна има реализација на проектите за граѓаните. На вечерашниот митинг презентираше дел од неговата програма која вклучува изградба на Трговски простор Ријател парк, нова пречистителна станица, спортско рекреативен објект, градски базен, дом за стари лица…. Планирани се и нови фасади, нови училници…
Пратеникот Драган Ковачки на митингот на ВМРО ДПМНЕ во Свети Николе рече дека пред повеќе од една година Владев, и покрај опструкцијата од претходната централна власт, има реализирано проекти за општината.
– Резулатот мора да го повториме, тоа ни е аманает. Денес сме собрани со една јасна цел да го потврдиме патот на развојот и да покажеме дека нашиот град Свети Николе оди напред со силни и одлучни чекори. Со јасна цел да ја градиме иднината на Свети Николе, кое се менуива на подобро и станува место за живот на сите, рече Ковачки.