
Мицкоски не очекува промените во британската влада да влијаат на стратешкиот договор и на проектот за брзата пруга
Премиерот Христијан Мицкоски вели оти не очекува дека промените во британската влада, по оставката на премиерот Кир Стармер, ќе предизвикаат, како што кажа, турбуленции во однос на стратешкиот договорот што земјава го потпиша со Велика Британија, а согласно кој Лондон треба да гарантира за неколку проекти во Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски вели оти не очекува дека промените во британската влада, по оставката на премиерот Кир Стармер, ќе предизвикаат, како што кажа, турбуленции во однос на стратешкиот договорот што земјава го потпиша со Велика Британија, а согласно кој Лондон треба да гарантира за неколку проекти во Македонија.
Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање за тоа до каде е физибилити студијата за брзата пруга на Коридорот 10, бидејќи имаше повеќе најави до кога треба да биде завршена, како и дали случувањата во британската влада ќе имаат некакво влијание на стратешкиот договор, според кој еден од проектите за кој Лондон треба да гарантира е и изградбата на пругата.
Според премиерот, физибилити студијата е завршена и сега е во фаза на ревизија, а во однос на финансирањето за кое треба да гарантира Велика Британија, потврди дека има еден заинтересиран заемодавател, но не откри повеќе детали, наведувајќи дека јавноста ќе биде наскоро запознаена за тоа.
„Од она што го знам од разговорите коишто ги имаме со потпретседртелот на Владата и министер за транспорт (Александар Николоски н.з.), мислам дека е готова и сега е во фаза на ревизија, така нешто. Така што комплетната физибилити студија е завршена, не очекувам да имаме никакви турбуленции во делот на промените во рамките на британската влада, сепак тоа е сериозна држава и тукутака институционалната меморија не се менува и приоритетите не се менуваат визави кадрите коишто се во владата“, изјави Мицкоски, по посетата на општина Бутел, каде присуствуваше на почетокот на изградбата на затворен базен.
Во однос на тоа кога очекува да започнат градежните работи на брзата пруга, со оглед дека физибилити студијата е завршена, премиерот рече дека во Владата се оптимисти до крајот на оваа или на почетокот на наредната година да биде поставен камен-темелник на проектот.
„Сега летово ќе поработиме на договорот со заемодавателот, со потенцијалните изведувачи ќе имаме компетитивен дијалог, така што очекувам или на крајот на оваа година или најрано на почетокот на следната“, кажа тој.
Прашан за другите проекти за кои треба да гарантира владата на Велика Британија во рамките на стратешкиот договор, премиерот рече дека можеби во оние што се планирани во секторот здравство ќе излезат од гаранциите што ги имаме со британската влада и ќе се оди директно со заемодавателите, поради подобри услови.
„Бидејќи таму добиваме услови, кога ќе се земе грант-компонентата, можеби покомпетитивни од тие коишто би ги имале со договорот за стратешко партнерство. Правевме анализа и цениме дека меѓународните финансиски институции понудите што ни ги дадоа за Клиничката болница Штип, Клиничката болнива Кичево, Клиничката болница Тетово, Медицинскиот факултет Штип и студентскиот дом во Штип, условите коишто ни ги дадоа можеби се подобори од тие коишто ги имаме во стратешкиот дијалог со Велика Британија“, изјави Мицкоски.
Инаку, договорот„влада со влада“ со Велика Британија, кој изнесува шест милијарди евра, земјава го потпиша минатата година.
Извор: 360stepeni.mk