
Мицкоски не кажува кои се центрите на моќ зад пожарите во Македонија
Прашан од каде се центрите за моќ, Мицкоски рече дека не сака да коментира конкретно географски и додаде дека она што го кажува го кажува врз основа на информациите со кои располага и основаните сомневања со кои располагаат како Влада.
Состојбата е под контрола. Граѓаните треба да бидат мирни, спокојни и институциите секогаш кога се пред предизвик се организираат екстремно брзо, изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју за Алсат М во врска со пожарите и тврдењата за постоење индиции за хибридни напади.
– Има индиции. Имаме основано сомнение кој може да биде инспиратор за сето ова што се случуваше. Исклучително сум задоволен што за многу кратко време институциите во координирана акција успеаја да го совладаат предизвикот и денеска можам да кажам дека состојбата во Дрисла, Вардариште и Трубарево е нормална и нема чадење, што се случуваше изминатите години, истакна Мицкоски.
Прашан од каде се центрите за моќ, Мицкоски рече дека не сака да коментира конкретно географски и додаде дека она што го кажува го кажува врз основа на информациите со кои располага и основаните сомневања со кои располагаат како Влада.
– Што се однесува за дома, веќе имаме група од 20-тина лица која е под мониторинг и за која постои сомневање дека девијантно се однесувала во изминатиот период. Оставам на органите на прогонот да си ја завршат својата домашна задача, рече премиерот.
Мицкоски нагласи дека има центри на моќ кои сакаат Македонија да биде поразена и да не напредува.
– Центрите на моќ се тие кои не сакаат Македонија да биде успешна земја, кои не сакаат да имаме стабилна состојба во Македонија, која ќе се развива, која ќе ниже успеси, ќе расте економски, ќе владее правото, ќе нема корупција и криминал, како тоа што се случуваше изминатите 15 години. Тие сакааат да ја видат онаа Македонија од пред седум години, понижена, ограбена, засрамена, со политичари кои се моделираат, со свиткани кичми. Тоа се тие центри на моќ
За тоа што се презема за справување со пожарите, тој кажа дека од почетокот на сезоната на пожари има 30-тина приведени за кои постојат сомнежи, но и докази дека ги подметнувале. Има приведени и за пожарите во Вардариште и во Трубарево.
– Од случувањата во јули, кога наеднаш во околината на Скопје на неколку локации се случија големи пожари, неколку лица беа приведени. За неколку лица постоеше основано сомневање дека учествувале во подметнување на пожари. Во текот на летото исто така, ќе потсетам во Вардариште имаше акција, МВР приведе неколку лица и за нив е одредена мерка притвор. Истото беше и во Трубарево, рече премиерот.
Како што посочи, најголем дел од пожарите не се случајни во најголем дел се предизвикани од човечки фактор.