
Мицкоски не бил поканет, но би пошол во Кочани на разговор со родителите на настраданите
Семејствата на починатите сметаат дека Мицкоски треба да дојде на средба во Кочани, беше истакнато во писмото до медиумите во кое информираат дека не ја прифатиле поканата од Кабинетот на Мицкоски за средба во Владата поради нејзиното доцнење.
Покана од родителите на настраданите во Кочани до премиерот Христијан Мицкоски не стигнала, но тој изрази подготвеност да појде таму и да разговара, но и да помогне колку што може на овие луѓе кои ги изгубија на јблиските, но и на оние чии деца ќе треба да се лекуваат во следниот период.
„Апсолутно ќе сторам се и ќе појдам таму. Но, морам да кажам дека сум добил покана да појдам таму и на ваков состанок да поразговарам е лага. Такво нешто нема. Ако е ова покана, ќе појдам во Кочани и ќе разговарам“, рече Мицкоски кој денеска беше во Инџиково, каде присуствуваше на изградба на градинка.
Семејствата на починатите сметаат дека Мицкоски треба да дојде на средба во Кочани, беше истакнато во писмото до медиумите во кое информираат дека не ја прифатиле поканата од Кабинетот на Мицкоски за средба во Владата поради нејзиното доцнење.
„Во врска со телефонската покана од Кабинетот на Премиерот Христијан Мицкоски за остварување средба со нас, родителите на трагично починатите деца во дискотеката „Пулс“, закажана за 13 мај 2025 година во 15:00 часот во Скопје, Ве информираме дека поканата не ја прифаќаме поради нејзиното доцнење“, се вели во соопштението.
„Истовремено, Ве известуваме дека Премиерот беше поканет од сите родители на починатите деца да дојде во Кочани и таму да се организира средбата, во форма и содржина каква што сметаат за соодветна.“
Во писмото на семејствата се вели дека „со оглед на тоа дека дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сметавме дека предлогот за средба во Кочани е разумен и оправдан“.