
Мицкоски несреќо, на кого се закануваш? – праша Арсовска по наредбата на Владата полиција да влезе во Град Скопје
Откако Владата попладнево донесе одлука да го задолжи МВР во соработка со ДКИ, ДИЖС, ДСЗИ и ИЈЗ веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и ЈП Комунална хигиена во врска со проблемот со собирање и транспортирање на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска, му кажа на премиерот Христијан Мицкоски дека неговите кадри се одговорни за состојбата во Скопје.
Откако Владата попладнево донесе одлука да го задолжи МВР во соработка со ДКИ, ДИЖС, ДСЗИ и ИЈЗ веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и ЈП Комунална хигиена во врска со проблемот со собирање и транспортирање на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска, му кажа на премиерот Христијан Мицкоски дека неговите кадри се одговорни за состојбата во Скопје.
На социјалните медиуми Арсовска пишува:
„Те велича Орце Самка Ѓорѓиевски дека си господ и си почнал да веруваш дека си семоќен? Политички прогон сакаш да правиш несреќо.
За ѓубрето низ Скопје е одговорна ТВОЈАТА криминална структура во Комунална хигиена на чело со Јулијана Спировска која е претседател на Управниот одбор (земи читај допис ако имаш време меѓу заканите и правење бизнис)
За ѓубрето низ Скопје се одговорни ТВОИТЕ градоначалници кои сред избори повикаа граѓаните да фрлаат кабаст отпад, а немаат ни ресурси ни механизација да го собираат истото, па тоа ѓубре се мачат да го собираат вработените од КХС кои веќе се на крај на силите.
За ѓубрето низ Скопје е одговорно ТВОЕТО министерство за здравство, кое МИЛИОНИ му должи на Комунална хигиена. Нив ќе им влезеш ли со полиција несреќо?
Покорумпирана и поплитка власт од ТВОЈАВА не постоела, ни ќе постои некогаш во Македонија. Уствари заборавив Северна, бидејќи и името дека ќе го вратиш ЛАЖЕШЕ, како и за сѐ друго што ЛАЖЕШ денес“, вели Арсовска.
Скопје деновиве се гуши од ѓубре. Отпадот не е собран, а околу контејнерите се трупаат планини дополнително ѓубре. Скопје личи на сѐ, само не на главен град каде пред два дена завршил првиот изборен круг на локални избори.
Додека сите повикуваат да се надмине проблемот со ѓубрето, ЈП „Комунална хигиена“ денеска се правда за неисплаќањето плати, со долг на Министерството за здравство од пет милиони евра. Дополнително, посочува на други јавни комунални претпријатија каде платата доцни по повеќе месеци низ републикава, а кај нив само пет дена, како што велат. Но, со целиот човечки капацитет со кој располагаат, сепак, не мрднаа со мал прст да си ја завршат работата, за која се платени од буџетски пари, односно од пари на граѓаните кои секој ден поминуваат крај преполните контејнери, а неретко се приморани да се симнуваат на коловозите затоа што тротоарот едноставно е непрооден од ѓубре.
МЗ со одговор: Не должиме!
Министерството за здравство, како правен субјект, нема никаква обврска или долг кон ЈП Комунална хигиена Скопје. Тврдењата за неплатен долг од 5 милиони евра се неточни и целта им е да се нанесе штета на угледот на Министерството или да се амнестира некој од сопствените обврски.
Апелираме да се проверуваат информациите особено кога станува збор за тврдења кои можат да создадат забуна или да доведат до недоверба во институциите.
Министерството за здравство продолжува да работи согласно законските обврски и со принцип на транспарентност во своите активности.