Мицкоски на повеќе билатерални средби во Вашингтон: Иднината на регионот е во борбата за посилна економија, соработка и создавање на иднина

На маргините на НАТО Самитот во Вашингтон премиерот Христијан Мицкоски остварил повеќе билатерални средби и разговори.

Мицкоски се сретнал со потсекретарот за политички прашања во американскиот Стејт департмент Џон Бас.

Соговорниците разговараа за стратешките интереси на државата, за македонските напори кои се насочени кон исполнување на истите, како и за интеграцијата и напредокот на регионот.

Мицкоски подвлече дека борбата против организираниот криминал и корупција како и владеењето на правото се приоритети на новата Влада.

„Премногу долго корупцијата навлегуваше во секоја пора на институциите и го оневозможуваше напредокот. Тоа се менува преку системска активност која подразбира непристрасност во спроведувањето на законите и поддршка на професионалците кои се задолжени за спроведување на законите. Потребни се промени кои ќе влеат надеж во институциите“, истакнал Мицкоски.

Според информациите од владиниот кабинет, тој додал дека иднината на регионот е во тесна соработка на државите, и насоченост кон работите кои не обединуваат како и создавање на иднина која ќе донесе просперитет на сите.

Мицкоски остварил средба и со претседателот на Чешка, Петр Павел. Соговорниците разговарале за искористување на потенцијалите за економска и политичка соработка.

Мицкоски остварил разговор и со премиерката на Естонија, Каја Калас со која разговарал за интензивирање на соработката и поддршка на македонските ЕУ интеграции.