Мицкоски: На една страна е коалицијата за пари на Венко, Али и Димче, на другата сме ние

➡ На овие избори народот одлучува и никој друг. На Македонија и треба коалиција за работа и иднина, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Ресен.

На овие избори народот одлучува и никој друг. На Македонија и треба коалиција за работа и иднина, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Ресен.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски, Македонија е уморна од сојузите кои се на грбот на напатениот народ.

-На овие избори народот одлучува и никој друг, Македонија е уморна од едни исти политичари кои ја загрозуваат нејзината иднина, уморна е од сојузите кои се на грбот на напатениот народ, уморна е од интригите на Венко, Али и Димче. Тоа е коалиција за пари. На Македонија и треба коалиција за работа и иднина и тоа е јасно, како бел ден е јасно. На овие избори, од едната страна е коалицијата на СДСМ, ДУИ и Левица, коалицијата на Венко, Али и Димче, коалиција за пари, а од другата страна е победничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, коалиција на работа, на просперитет, на иднина, посочи Мицкоски.

На народниот митинг во Ресен, премиерот Мицкоски потсети на реализираното и ветеното во изминатите 15 месеци од кое полза, како што рече, имаат просветните работници, студентите, здравствените работници, земјоделците, инвестиции од 500 милиони евра за македонските општини, исплатени плати и друга помош.

-Нашата борба не беше само во Македонија. Ние знаевме дека наследивме ограбена и понижена држава со начнат идентитет, со начната гордост на македонскиот народ. Затоа бевме свесни дека треба да победуваме и надвор, во Лондон, Брисел, Берлин, Вашингтон…достоинствено ја браневме честа на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија. Се боревме и ќе продолжиме да се бориме за Македонците насекаде во светот и додека е оваа Влада треба да сте сигурни дека Македонија е во вистински раце, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На народниот митинг што се одржа на плоштадот во Ресен, Мицкоски посебно за поддршка ги повика неопределените гласачи и сите заедно со членовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште во првиот круг на Јован Тозиевски повторно да го изгласаат за градоначалник.

Тозиевски на собирот во Ресен потсети на постигнатите резултати во локалната самоуправа во минатите 4 години од неговиот актуелен мандат во кој според него еден од најголемите успеси е што буџетската сметка на Општина Ресен под негово водство беше деблокирана.

-Не се кандидирам за да ветувам празни зборови, напротив се кандидирам за да со ваша поддршка да го продолжиме започнатото и со уште повеќе сила и мудрост стекната од искуството да придонесеме за силна и перспективна Преспа. Наш приоритет се реконструкција на градскиот плоштад, обнова на скијачкиот центар на Галичица, обиколница околу Ресен, катна гаража, реконструкција на улиците според потребите на секое населено место, реконструкција на водоводната мрежа, а во Претор ќе има нов водоводен систем, најави Тозиевски и додаде дека за заштита на Преспанско Езеро ќе се користи меѓународна експертска помош и поддршка.

На народниот митинг на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, вечерва во Ресен беа промовирани и кандидатите за членови на општинскиот Совет.