Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека актуелниот состав на мешовита Историска комисија не ги оправдала очекувањата и не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ.
„Нема политичка позадина. Нормално е новите луѓе кои управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам тука што е страшно. Мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика“, изјави премиерот Мицкоски.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Комисијата е составена од историчари и професори од двете земји, а македонскиот тим го предводи академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.
Откако се избрани членовите на македонскиот дел од Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, речиси и да немаше персонални промени.
Комисијата годинава одржала три состаноци и засега нема напредок, се разговара околу прашањата врзани за Средниот век, а на средбите се дискутирало за содржината на учебниците по историја за основното образование кои го третираат периодот Среден век. Тоа се учебниците по историја за шесто одделение во Бугарија и за седмо одделение во Македонија.
Досега заедничката комисија даде препораки за заедничко чествување на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и за Цар Самоил. Остануваат големите разлики помеѓу двете страни особено за историјата во 19 и 20 век.