Мицкоски: Наш приоритет се европските интеграции, но тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен

Во однос на предлогот за црвени линии во преговорите со Бугарија иницирана од претседателот на СДСМ Венко Филипче, Мицкоски истакна дека е во исчекување на предлогот нагласувајќи дека додека тој е претседател на Владата нема да има никакви игри со вакви прашања.

Наш приоритет се европските интеграции, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, туку достоинствен, порача премиерот Христијан Мицкоски во неговото денешно обраќање на свеченоста по повод Денот на независноста.

– Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат во кој што ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал сите од нас се чувствуваме, рече премиерот.

Во однос на предлогот за црвени линии во преговорите со Бугарија иницирана од претседателот на СДСМ Венко Филипче, Мицкоски истакна дека е во исчекување на предлогот нагласувајќи дека додека тој е претседател на Владата нема да има никакви игри со вакви прашања.

– Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде. Во исчекување сум, со нетрпение го чекам. Од истите тие кои прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние кои викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од тие кои велеа „ајде на референдум“, па потоа не ги признаваа резултатите од него. Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели „мора да се прифати се што е на маса, безусловно“. Но ви велам, да бидете сигурни дека додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашања. Државата ќе биде сигурна, рече тој.

Потенцира дека негов фокус како премиер се европско образование, среќни земјоделци, работници со добри услови за работи, инвестиции, добар животен стандард…

– Како претседател на Владата во мојот фокус е и вистинско европско образование, среќни земјоделци млади кои остануваат дома, пензионери кои се радуваат на своите најубави години после се она што го направиле во својот живот за своето семејство и за својата држава, работници кои имаат услови за работа исти какви што имаат нивните колеги во Европа, силна економија, инвестиции, животен стандард најдобар на Балканот и еден од водечките во Европа. Тоа е мојот сон и сонот на мојата генерација. Сигурен сум дека секој еден од вас ќе се сложи дека вреди да се жртвуваме за да го отсонуваме овој сон. Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. И повторно мора да го направиме вистинскиот избор – изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе ја оставиме на нашите деца, нагласи премиерот Мицкоски.