Мицкоски контра Филков: Бадентеровото мнозинство е завршена тема

Мицкоски изјави дека Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој е дел од Уставот. Неговиот одговор беше на новинарско прашање дали во владата размислуваат за ревизија на оваа уставна одредба, како што сугерира Филков.

Премиерот Христијан Мицкоски брзо одговори на изјавата на министерот за правда Игор Филков дека „можеби е дојдено времето да се ревидира Бадентеровото мнозинство“.

Филков во интервју за „Фокус“, направено пред гласањето во Собранието во саботата, кога не беа изгласани измените во Изборниот законик поради немање Бадентерово мнозинство (пратениците на ДУИ беа против), а објавено денеска, меѓу другото рече дека се надева оти Собранието ќе ја заврши домашната задачи и нема да дозволи правен вакуум, но доколку тоа не се случи, значи дека употребата на Бадентеровото мнозинство се злоупотребува и ако е така, тогаш можеби е дојдено време да се размисли за потребата тоа да се ревидира бидејќи Македонија мора да оди напред.

Мицкоски не мисли така и изјави дека Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор, а тој е дел од Уставот. Неговиот одговор беше на новинарско прашање дали во владата размислуваат за ревизија на оваа уставна одредба, како што сугерира Филков.

Мицкоски вели дека Рамковниот договор е исполнет во целост и оти тоа е завршена тема, а она што претставувало суштински и институционален проблем, алатката „балансер“, која беше укината од страна на Уставниот суд, сега би требало да се реши со Закон за правична застапеност во кој покрај етничката, ќе има и компонента која ќе оценува согласно квалитетите и компетенциите на кандидатите за вработување.

„Тој е моментално во Венецијанската комисија, од каде се чека мислење, така што очекувам кога ќе го добиеме тоа мислење Законот да го ставиме на гласање“, рече Мицкоски.

На изјавата на Филков промптно реагираа од ДУИ. Портпаролот на партијата, Арбер Адеми, на прес-конференција рече оти ваквите идеи за ревизија се опасни бидејќи така се заоструваат и нарушуваат меѓуетничките односи и оти јавноста е сведок како оваа влада од почеток има агенда системски да го нападне Охридскиот мировен договор.

„За жал, сѐ повеќе им се дава простор на политички сили и на политичари кои имаат опасни идеи и кои мислат дека мултиетничките држави не се функционални, а кои се поборници на чисто етнички држави. Такви идеи и идеолози се опасни, бидејќи со тоа се заоструваат меѓуетничките односи, па сѐ до нарушување. Ние сме сведоци, уште од почеток сме кажале дека оваа Влада има агенда систематски да го нападне Охридскиот мировен договор. А тоа се покажа и докажа со конкретни дела – со укинување на ‘балансерот’, со непочитување на правична застапеност и покрај тоа што се уставна вредност согласно амандман 6 од Уставот, со непочитување на албанскиот јазик и Законот за албанскиот јазик, со укинување на статусот на правно лице на Инспекторатот за примена на Законот за јазиците, со поднесување на иницијатива за укинување на Законот за албански јазик од страна на ВМРО-ДПМНЕ и други субјекти и секојдневно се соочуваме со истата ситуација“, нагласи Адеми.

Третиот коалициски партнер во Владата, албанскиот конгломерат „Вреди“ засега молчи за предлозите на министерот за правда Игор Филков.

Промената на одредбата за Бадентерово мнозинство бара интервенции во уставот и двотретинско мнозинство, што во овој момент е невозможна мисија.