Мицкоски: Колку спорови треба да решиме за да почнат преговорите со ЕУ?

Христијан Мицкоски – лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа на тв 21 рече дека го прифаќаат принципот на една изборна единица и оти во текот на дебатата ќе си го кажат ставот. Тој оценува дека коалициските партнери СДСМ и ДУИ го кочат решението за една изборна единица, а помалите партии кои се дел од оваа коалиција и понатаму молчат.

„Треба да се отвори дебата, сигурно ќе дебатираме, ќе си ги кажеме нашите ставови, но принципот на една изборна единица го прифаќаме. Јасно и гласно кажуваме дека принципот на една изборна единица го прифаќаме. Не знам кои се причините на ДУИ односно СДСМ да го блокираат овој закон за една изборна единица, не можам да ги препознам, затоа што тежинскиот фактор низ изборни единици треба да биде подеднаков. Тоа може да се обезбеди само преку измени во Изборниот законик, а тоа е една изборна единица. Ние сме тука, ние велиме ќе го поддржиме тоа и сакаме да видиме кои се аргументите на тие кои што се спротивставуваат на една изборна единица“ – рече Мицкоски.

Истакна дека не гледа поврзаност меѓу конфликтот во Украина и одржувањето на предвремени парламентарни избори во државава.

„Навистина не можам сето тоа да го ставам под знак на еднаквост. Украина си е Украина, Македонија си е Македонија. Сега што треба, Макрон да излезе во Франција и да рече ги одложувам претседателските избори додека не се реши конфликтот во Украина? Или да излезат сега Орбан и Вучиќ и да речат ги одложуваме парламентарните избори додека не се реши конфликтот во Украина? Каква е таа безвезна логика, навистина не можам да разберам“ – посочи Мицкоски.

Коментирајќи ја актуелната коалиција на СДСМ и ДУИ, рече дека „пратениците и министрите на СДСМ се заробеници на ДУИ“.

„Овие 15 пратеника, владеат со оние 40, рече Мицкоски посочувајќи дека тоа е лошо за државата и затоа што се чувствуваат прекомотни бидејќи се предолго на власт. Правилото коалицирање победник со победник, посочи, заврши и не важи, а ДУИ треба да си оди во опозиција“ вели тој.

Мицкоски прашува – колку спорови треба да решиме за да почнат преговорите со Европската Унија.

„Колку отворени спорови ние треба да решаваме за да конечно ги почнеме преговорите со Европската Унија? Во 2017 година се потпиша тој Договор за добрососедство од страна на тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов и тоа беше клучот, еден од двата клуча кои што требаше да ги отворат двете врати за да Македонија стане членка во рамките на НАТО и процедурата е таква, да ако некоја од членките земји на НАТО има проблем со некој сосед, со некоја друга земја која претендира да биде дел од НАТО Алијансата, може да ја спречи. Зшто тогаш официјалната Влада на Бугарија не ја спречила Македонија“ – рече Мицкоски.

Тој потсети и дека во 2007 кога Бугарија требаше да биде дел од ЕУ, тогашната македонска влада испрати допис до ЕУ и тоа на македонски, дека нема отворени прашања, а Бугарија тоа го прифати.