„Очекував повеќе аналитичност и очекував премиерот Димитар Ковачевски да се охрабри и да излезе пред медиумите и ако веќе одлучил да ја одбие подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ, тоа да го направи на отворена сцена, а не да се крие зад статуси на социјални медиуми“.
Ова е ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски откако вчера на неговото барање за средба со премиерот на која би бил договорен датум за предвремени избори, Ковачевски преку Фејсбук статус одговори дека не прифаќа уцени.
„Жалам што во СДСМ и во Владата нема мудрост, ниту државотворен капацитет и жалам што постапуваат вака неодговорно во моменти кога на народот му е потребно обединување. Она што го гледаме и од Ковачевски, од останатите во Владата, но и од СДСМ, е се само не она што му е потребно на народот. Вчера подадовме рака за единство, но очигледно дека во Владата нема капацитет за единство. Чекор по чекор ќе ги носиме одлуките и јавноста и вие медиумите ќе бидете благовремено информирани“ – рече денеска Мицкоски во Штип.
Во однос на обвинувањата на СДСМ дека опозицијата стои зад професорите и наставниците кои сакаат да продолжат со штрајкот, Мицкоски рече дека тоа е стратегија на владејачката партија и оти неговиот и изборот на ВМРО-ДПМНЕ „секогаш ќе интересот на наставниците и професорите“, бидејќи, како што рече, тоа се луѓето кои треба да создадат генерации млади луѓе кои треба да ја градат државата.