
Мицкоски: Кампањата на СДСМ покажува дека тие се борат за заштита на корупцијата
Досегашната кампања недвосмислено покажува дека нашите противници се борат за своите кариери, а ние се бориме да изградиме и направиме повеќе за секој еден човек, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Христијан Мицкоски.
Досегашната кампања недвосмислено покажува дека нашите противници се борат за своите кариери, а ние се бориме да изградиме и направиме повеќе за секој еден човек, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Христијан Мицкоски.
Мицкоски оцени дека СДСМ останала нереформирана, дека ги збила редовите со корумпирани кадри и дека кампањата им ја води лидерот во сенка.
– Тие се борат за нивниот дом, за удобностите во кои уживаат со децении, да си ги задржат. Се борат за заштита на корупцијата, за заштита на мафијашите, за заштита на Артан, Зечевиќ, Ковачевски, Маричиќ, Спасовски, Николовски, Бектеши. Се борат за да се врати времето на дилови, тендери, бизниси и дивеење. Најдобро ќе беше да кажат: „Се бориме за нашиот живот.“, рече Мицкоски пред жителите на Кисела Вода.
Додаде дека СДСМ води црна кампања со монтирани видео клипови, додека ВМРО-ДПМНЕ нуди конкретна програма со проекти.
– Додека ние на избори пред вас излегуваме со понуда, нивната понуда се напади и клевети, црна кампања, сечени и монтирани видео клипови. Тоа е денешното СДСМ. И така тие мислат дека ќе го привлечат вниманието, а не знаат дека на тој начин само одбиваат луѓе од себе, рече Мицкоски.
Претходно, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ одржа митинзи и средби со граѓани во Зелениково и Илинден.