Мицкоски: И правосилно е потврдено дека СДСМ е клеветничка партија

Премиерот Мицкоски денеска на својот Фејсбук-профил објави пресуда на Апелацискиот суд Скопје, со која се потврдува одлуката на Основниот граѓански суд за тужба која тој ја поднел против Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) за клевета, изнесена во соопштение на партијата од 2 октомври 2022 година.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на својот Фејсбук-профил објави пресуда на Апелацискиот суд Скопје, со која се потврдува одлуката на Основниот граѓански суд за тужба која тој ја поднел против Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) за клевета, изнесена во соопштение на партијата од 2 октомври 2022 година.

„Апелацискиот суд со правосилна пресуда утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа. Со ова, по потврдена првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија“, напиша тој.

Според него, во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визии и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции, а СДСМ одамна го избрала вториот пат.

„Тоа што со години го претставуваа како ‘политичка борба‘, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава. Оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел. Наместо аргументи, напади, наместо програми, дискредитации, наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета“, вели Мицкоски.

Посочи дека политичката критика е легитимна и потребна, а дека клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор.

„Оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници. Истите што ширеа гласини и правеа ‘бичборд‘ кампања против мене“, се вели во фејсбук-статусот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, како што додава, продолжува по патот на лаги, клевети и манипулации, надевајќи дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација коха дезинформациите и чувствата што тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот.

Според него, СДСМ како партија продолжува да го потценува сопствениот народ.

Инаку, тужбата што Мицкоски ја поднел против СДСМ е за клевета, изнесена во соопштение на партијата од 2 октомври 2022 година.