Мицкоски: Или ќе се бориме и победиме или ќе ја нема Македонија

Христијан Мицкоски – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својот говор на вечерашниот протест рече дека никогаш немало толку народ пред Владата и дека тоа е доказ дека Македонија е тука и оти е жива.

„Денес сум овде пред вас затоа што ја имам одговорноста да се борам, вие сте мојот мотив. Во моите 44 години паметам два собири на кои имало многу народ. На 8 септември, 1991 година и овој денес. Во Македонија се случува народ. Оваа одлучност за промени е толку голема што народот веќе нема што да загуби“ – рече Мицкоски на почетокот на својот говор.

Тој порача дека плоштадите и булеварите се полни со луѓе кои просат бидејќи изгубиле се, а луѓето од власта јаделе со златни виљушки и се возеле со луксузни автомобили.

Доаѓа крајот на овие нечесни луѓе од Владата какви во последните 30 години не сме виделе, порача тој од говорницата пред Владата на големиот митинг под мотото „Премногу е“.

„Подавам рака за овој договор, заедно да ги менуваме работите на подобро. Промени мора да има. Знајте оваа битка ја водам и за вас, и за вашата подршка секојдневно копнеам. Оваа поддршка се смета во процесот за промена на оваа власт. Му се обраќам и на премиерот кој се смее дека оваа земја била Западна Бугарија. Нека знае премиерот дека оваа земја, била, е и ќе остане нашата мила мајка Македонија. Тоа е таа огромна љубов која ја сакаме до болка, за која мечтаеме до последен здив. Ова е Македонија, ова е нејзиниот народ, Победуваме!“ – порача Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека „Владата е единствен причинител на сите наши несреќи и колективни разочарувања. Тука сме и поради причината кои сме и зошто сме тука. Народот сака борба, сака да се избори за својата Македонија зошто другиот избор е Македонија да ја нема, да не постои. Или ќе се бориме и победиме или ќе ја нема Македонија, мора ова да му биде јасно на секого!“ – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.