Мицкоски: Идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилно оружје на еден човек

„Борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против повампирените хегемонистички апетити кон Македонија. Таа љубов гори во нас и нема да дозволи никој да се пазари со националните и државните интереси“ се вели меѓудругото во честитката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

„11 Октомври е еден најсветлите датуми во македонската историја, затоа што значеше почеток на едно ослободително и антифашистичко востание на македонскиот народ, кое беше крунисано со АСНОМ и втемелувањето на македонската државност. Со нападот на бугарскиот полициски участок во Прилеп партизанскиот одред Гоце делчев ја започна борбата против фашистичкиот окупатор која како пламен се прошири низ цела Македонија“ – пишува Мицкоски.

„Токму денешниот празник е најдобар доказ дека идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилно оружје на еден човек. Партизаните тој 11-ти Октомври 1941 година, како и нивните претходници револуционери покажале невиден хероизам да се спротивстават против фашистичкиот и секој друг окупатор на татковината затоа што ги водела љубовта кон Македонија“ се вели во честитката на Мицкоски.