Мицкоски за разрешувањето на Коцевски: Почекајте, ќе видите!

Коментирајќи за реформите во судството и обвинителството, Мицкоски рече дека е подготвен да ја донира својата плата на судиите и обвинителите, само да судат согласно закон, и дека не може да се помири со фактот дека треба да потпише зголемувања на плати на нешто кое нема никаков рејтинг.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска не даде некој конкретен коментар околу евентуално разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. На прашањето, што ќе се случува со Коцевски, Мицкоски кратко одговори:

„Почекајте, ќе видите“.

Коментирајќи за реформите во судството и обвинителството, Мицкоски рече дека е подготвен да ја донира својата плата на судиите и обвинителите, само да судат согласно закон, и дека не може да се помири со фактот дека треба да потпише зголемувања на плати на нешто кое нема никаков рејтинг.

Тој објасни дека земјава наследила тешка економска состојба и дека за идната година имаме за враќање долг од 2 милијарди евра што е една третина од нашиот буџет кој тежи 6 милијарди евра.

„Тука треба да има за пензии, социјални трансфери плати, комунални трошоци, и треба да вратиме повеќе од 2 милијарди евра. Некој душмански ја задолжил државата и неродените генерации“, рече Мицкоски сугерирајќи на претходната влада.

Сведувајќи ја целата судска реформа само на зголемување на платите во судството и обвинителството, Мицкоски додаде дека ако тоа е клучната реформа која треба да ја направи, нема да ја направи и дека не можеме да одвоиме повеќе пари од буџетот за независно финансирање на обвинителство и судовите од најразвиените земји во Европската Унија.

„Ова се реформите и јавноста треба да знае дека реформите се за повисоки плати. Реформите не се за некои суштински измени или незнам какви. Такви има во Кривичниот законик и тоа го правиме под притисок на одлуката на Уставниот суд и тоа ќе го направиме до крајот на нова година да влазат во Парламент и да направиме една општа колективна амнестија во општеството и сите криминалци што се во затвор да излезат“, рече тој.

Според него, секој треба да има одредена одговорност пред да донесе било каква одлука.

„Претходната Влада го измени Кривичниот законик, така што направија да има политичка амнестија за многумина и сега кога ќе го смениме ние, без разлика дека ќе покренеме дело против некој од претходната влада, тој ќе се повикува на тој што го донесоа на шверцерски начин во парламентот под европско знаме. Тогаш молчеа сите што денеска се гласни. А, денеска ми велат Извештајот вели така и така. Каде бевте тогаш? Срамежливо стоеше една реченица во Извештајот. Зашто? Затоа што мислеа дека на тој начин ќе направат притисок врз ВМРО-ДПМНЕ преку некои поранешни структури, да се промени Уставот. Не им успеа. Повторно е ВМРО-ДПМНЕ виновен. Мораме да ги кажуваме работите како што треба, не онака како што некој сака да ни ги претстави. А ние ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ја завршиме домашната задача“, рече Мицкоски.

Тој ја повтори познатата реторика и за европерспективата на Македонија.

„Пред осум години кога менувавме имиња и презимиња ни велеа дека сме ‘фронтранери’. И кога ќе смениме име и презиме за 3-4 години сме во Европската унија. Тие 3-4 години изминаа пред 3-4 години. Кај сме ние денес? Онаму кај што бевме пред 25 години. Да го смениме Уставот најдобри ќе бидеме и уште, ако може да не сме Македонци, да сме нешто друго – најдобри ќе бидеме, онака како што некој ни прави булинг и сака да ја стопира Македонија да напредува во Европската унија“, рече Мицкоски.