
Премиерот Христијан Мицкоски е без коментар по вчерашната објава на Бујар Османи дека ќе се бори за градоначалничката позиција во Чаир како кандидат на коалицијата „Европски фронт“. Прашан за коментар за кандидатурата, премиерот денеска кусо кажа дека тоа е внатрешна работа на интегративците.
„Не знам што би можел да кажам, тоа е внатрешна работа на ДУИ, ако тие одлучиле така, тоа е нивна одлука, јас немам што тука да коментирам“, одговори Мицкоски.
Османи, кој е потпретседател на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, вчера на Фејсбук објави дека и официјално е кандидат за градоначалник на скопски Чаир.
Посочи дека одлуката не ја донел поради функцијата, туку поради одговорност кон сопствениот дом и затоа што жителите на оваа општина не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови.