Со есенската потрошувачка кошница се опфатени производи што се најкористени од страна на граѓаните. Ова денеска од Кавадарци го рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од опозицијата дека ја ограничија маржата на 73 производи за разлика од времето на СДСМ кога се носеле мерки за намалување на цените на 500 производи.
„Тоа што го слушам од опозицијата, освен што е безидејна порака и порака што не допира никого, се и овие гимнастики што ги прават на отворена сцена, кои им се враќаат како негативен бумеранг. Забораваат дека го покачија данокот на додадена вредност од 5 отсто на 10 отсто. Потоа, воведоа и данок на луксуз. Зошто? За да можат тој луксуз да го користат преку наместени тендери. Така, од голтари станаа милионери, со хациенди, со имоти надвор од земјата“, вели Мицкоски.
Посочи дека оваа есенска кошница е таргетирана и е резултат на анкета правена со граѓаните, за тоа кои се производите што оваа есен се најкористени и наупотребувани од нивна страна. Најави дека иста таква кошница ќе има и пред новогодишните празници, но и во текот на пролетта.
„Наша цел е производите што се најупотребувани од страна на граѓаните да бидат опфатени со оваа мерка. Ние немаме намера да ја ограничуваме маржата на перки од китови и на кавијар, бидејќи мал е бројот на граѓани што тоа го користат. Тие претпоставувам се во редовите на СДСМ и ДУИ. Сите останати се борат како да го поминат месецот. Ние се фокусираме на тој тип производи“, рече тој.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) одлуката за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо ја нарекоа калкулантска политика на Владата. Велат дека со замрзнување на маржите на само 73 производи, владата на Мицкоски и мачка очи на јавноста, резултатот нема да биде никаков.
СДСМ: Калкулантска политика на Владата е замрзнатата маржа за 73 прехранбени производи
„На пример, СДСМ минатиот септември донесе мерки за намалување на над 500 производи во 25 различни категории и реализираше антикризен пакет за помош на граѓаните вреден 662 милиони евра. Тоа е реална помош. Во Србија веќе се спроведува одлука со која поевтинија над 700 производи, а слично е и во Црна Гора. Во исто време се случува за прв пат после пет години постојан рас да се намали просечната плата за речиси 1 000 денари. Платите се намалуваат, а цените остануваат високи и растат. Со овие економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа“, стои во соопштението од СДСМ.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши соопшти дека е донесена одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо.
На листата на т.н. есенска кошничка се 73 производи меѓу кои – леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.