Средбата Ковачевски – Мицкоски минатата среда заврши без договор, а сѐ уште не престануваат тврдењата на СДСМ дека Мицкоски прифатил уставни измени.
Следуваа партиски препукувања, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле ќе рече декa „се работи за манипулација“.
„-СДСМ е потполно свесна за тоа што го понудив на лидерската средба, но упорната манипулација која се прави со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови практично ја отсликува состојбата во партијата и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата. Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола пиар реторика и битка, отколку грижа за државата. Расфрлањето со пердуви е контрапродуктивно затоа што јасно е од лидерската средба дека нема договор, а сѐ уште чекаме одговор од СДСМ – кој од двата предлози кои ги понудив тие го прифаќаат. И на самата средба Ковачевски беше дециден дека нема договор, што и јас го кажав потоа во изјавите пред медиумите. Мојата цел беше да се одглават работите и да се даде поинаква перспектива на процесите, да создадеме решение кое нема да биде на штета на граѓаните и иднината на Македонија. Жалам што СДСМ пропушта голема и историска шанса“ вели Мицкоски во интервјуто.
На прашање дали има најава од СДСМ за изјаснување за предлогот, Мицкоски со став „Ние чекаме одговор. Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден. Наместо да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став“.
На прашање дали учеството на Мицкоски на лидерската средба беше злоупотребено за други цели, тој вели:
„Создадоа проблем кој не можат да го решат, прифатија договор кој не можат да го испорачаат, ЕУ-интеграцијата на Македонија е закочена, единствено логично решение беше да се разговора за европската иднина на Македонија. Тоа со задоволство го прифатив, разговарав и понудив решение и покрај тоа што не сум дел од проблемот. Целосно свесен дека можеби определени структури ќе ме нападнат, а кои се во постојана координација со ДУИ и СДСМ. Државнички и одговорно е да се носат решенија кои не се на штета на идентитетот, а обезбедуваат европска иднина. ДУИ и СДСМ одлучија преку тие платени инсталации себенаречени опозиционери да ме нападнат мене и ВМРО-ДПМНЕ. Целта за последна катарза во опозицијата пред изборите е оправдана, а времето ќе покаже што значел нашиот предлог, а кои биле слугите на ДУИ и СДСМ“.
Имаше коментари за условувањето на ДУИ – прво да влезат во сила уставните измени, а потоа тие да ја напуштат Владата.
„ДУИ не е во позиција да поставува услови. Доколку СДСМ навистина го прифати еден од предлозите, тоа се: Прво, завршување на процесот сега, со одложено важење кога Македонија ќе ги заврши преговорите и ќе влезе во ЕУ, така го заштитуваме Уставот и идентитетот, нема дополнителни условувања и барања од Бугарија. ДУИ тоа го толкува поинаку, тоа е нивен проблем. Колку побргу заминат во опозиција, толку побргу на Македонија ќе и` тргне. Второ, избори наесен, поддршка на опозицијата во заштита на идентитетот многувековен, традиција, култура, обичаи и јазик пред европските институции од страна на опозицијата, економски пакет од Европската Комисија, имплементирање на пресудите од судот за човекови права во Стразбур за Македонците во Бугарија“ вели Мицкоски за ДВ.